Македонските граѓани уживаат делумна слобода, a генерално, забележан е пад на слободата во демократските вредности низ светот. Ова го оценија од американската невладина организација „Фридом хаус“ во извештајот насловен „Слободата во светот во 2019-та“. Македонија е наведена како држава што напреднала во демократските принципи во споредба со минатите години, но и понатаму се наоѓа во групата на „делумно слободни“ земји. „Фридом хаус“ проценува дека актуелната владејачка гарнитура во Македонија цели да ја искорени корупцијата, а и други злоупотреби на системот, кои, како што е наведено во извештајот, се засилиле во времето на претходната влада.
Имено, оваа организација ја оценува Македонија од 1998 година и оттогаш таа го има статусот „делумно слободна“. Овие години поените варираат од 3 до 4 на скалата од 7 поени.
Политичките аналитичари објаснуваат дека има повеќе причини за ваквите наоди во извештајот на „Фридом хаус“. Македонија, како што вели аналитичарот Петар Арсовски, мора да вложи повеќе напори во битката за враќање на демократските принципи во општеството, а Владата е на вистинскиот пат да го стори тоа.
– Не мислам дека сите влади во земјава се бореа за слободата на говор, печатот и враќањето на демократските принципи во општеството. Македонија, впрочем, таа битка ја започна пред две години. Причината поради која земјава, за жал, во ваквите меѓународни извештаи, сѐ уште се става во рангот на делумно слободна е поради фактот што напредокот не оди брзо иако треба, и тоа што претходните 12 години овде беа создавани принципи на авторитаризам во општеството. Сега и самите медиуми од Владата бараат субвенции, пари, и помош што во принцип не треба да биде така бидејќи на индиректен начин тоа ги прави зависни од политиките на власта.
Претходниот режим го направи тоа така, а сегашната влада мора да направи многу напори тој принцип да се смени. Дали тоа ќе биде преку посериозен проект и помош од меѓународната заедница, медиумите да станат слободни критичари на власта, а демократските принципи во општеството да станат неповредливи, останува да видиме – вели Арсовски. Како што објаснува експертот, сегашната влада во таа насока секогаш треба и мора да работи.
Во таа насока, побаравме и официјален став од Владата по повод последниот извештај на невладина организација „Фридом хаус“. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски за „Нова Македонија“ вели дека Република Македонија, во однос на слободата на изразување, континуирано бележи напредок, кој е повеќе од очигледен.
– И последниот извештај на „Фридом хаус“ укажува на тоа дека политиките што ги спроведува оваа влада придонесуваат за подобрување на состојбата и за зголемување на слободата за изразување и за говорење. Имено, во извештајот Република Македонија е во групата земји што го подобриле својот ранг. Кон крајот на минатата година потпишан е меморандум за соработка со Здружението на новинари на Македонија за заемна соработка во насока на креирање протокол за известување од настани со висок ризик, а договорена е и постојана комуникација меѓу Министерството за внатрешни работи и Здружението на новинари на Македонија за да се овозможи безбедно вршење на работата на медиумските работници – вели Бошњаковски.
Освен тоа, во насока на подобрување на демократските принципи за подобра заштита од политички притисок и неосновани граѓански постапки за клевета, во владиниот план 18 (реформскиот план на Владата на РМ) е предвидена мерка за измени и дополнувања на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Инаку, од 195 земји, 86 или 44 отсто се оценети за слободни, 59 или 30 отсто за делумно слободни и 50 или 26 отсто за неслободни земји. Годинашната оцена Македонија ја дели со државите од регионот како: Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Соседот Бугарија и Хрватска се оценети како „слободни“ држави. Како „неслободна“ држава од нашето соседство, е оценета Турција. Србија, пак, падна од групата „слободни“ во „делумно слободни“ земји поради, како што е наведено во извештајот, изборните нерегуларности, правните малтретирање и кампањата против независните новинари, како и де факто акумулирање на екстра институционалните овластувања на претседателот Александар Вучиќ. Унгарија исто така падна од групата „слободни“ во „делумно слободни“ поради постојаните напади врз демократските институции на земјата од страна на партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан, кој, според извештајот, врши недозволиво влијание врз медиумите, верските групи, академијата, невладините организации, судовите и приватниот сектор. Поради тоа, како што се вели во извештајот, државите од Западен Балкан имаат потреба за поддршка од поголемите и моќни демократски држави за да напредуваат кон остварување на демократските принципи. Организацијата „Фридом хаус“ во својата анализа проценила и дека Кина и Русија ја користат демократската криза во светот за да ја зголемат злоупотребата дома и да го рашират своето влијание во други држави.