Ветингот треба да се спроведува и преку таканаречени истраги, а и преку процени на компетенциите, вештините, личноста, имотот, работата, евентуалната поврзаност со криминални структури, поради што се наметнува прашањето дали тие што еднаш не го поминале ветинг-филтерот може да останат како државни службеници, само прераспоредени во друг државен орган?
Процесот за професионално „проветрување“, популарно наречено ветинг, а што подразбира проверка на стручноста и компетентноста на функционерите и на државните службеници, сѐ уште суштински не се одразува и квантитативно, ниту пак квалитативно на работата на државната администрација. Засега ветингот ја зафати УБК, која во меѓувреме згасна како орган во состав на МВР, а нешто повеќе од половина вработени се префрлија на работа во новата Агенција за национална безбедност. Во најава е слично нешто да се спроведе и во целото МВР, а потоа бранот на ветинг најверојатно ќе следува во правосудството и армијата.
Во секој случај, професионалното проветрување на вработените во државните институции почна „срамежливо“ и во мал број институции, а е далеку од посакуваната динамика и со многу тесен зафат од фронтот органи на државната управа.
Во врска со ветингот во полицијата, како продолжение на реформите во безбедносниот систем, пред неколку дена работната група, формирана од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, го одржа првиот состанок, за да почне анализа на тековната состојба во МВР и да се утврдат динамика и конкретен модел за спроведување на процесот на проверка на вработените. Министерот Спасовски изјави дека треба да се направи проверка кој заслужува да биде дел од полицијата и да работи во интерес на граѓаните.
Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнел“, која е и членка на работната група за проветрување во МВР, вели дека проверката на веќе вработените во институциите мора да биде добро подготвена, да има соодветна правна основа, врз која точно ќе се знае кој ќе биде опфатен и на кој начин ќе се спроведува проверката. Тасева вели дека ветингот, меѓу другото, треба да се спроведува и преку таканаречени истраги, а и преку процени на компетенциите, вештините, личноста, имотот, работата, поврзаноста со криминални структури на лица што ќе бидат опфатени со ветингот.
Експертите со кои се консултиравме велат дека процесот на „проветрување“, односно процесот на проверка на стручноста на кадрите оди со слаба брзина и има мала ефикасност. Во тој контекст, нивниот коментар е дека, наместо да го намали бројот на државните службеници, кои се неефикасни, некомпетентни, без доволно знаење и вештини за описот на своето работно место, како и со индикации дека се инволвирани во активности што се во спротивност со извршувањето на нивните професионални задачи, процесот на „проветрување“ почна да се ползува единствено за „расправање“ и меѓусебно обвинување на власта и опозицијата. Аналитичарите велат дека доколку не се подобрат работите, постои реална можност проветрувањето да ја изгуби поентата на спроведувањето, слично како и процесот на лустрацијата. Во тој контекст, експертите се резервирани во однос на способноста на нашата земја непристрасно и по европски стандарди да го спроведе овој процес.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски вели дека проверката на професионалноста на кадрите во специфичните институции во државата можеби е добро решение, но тоа треба и да профункционира, без влијание на политиката, и да се движи со поголема брзина од актуелната, која личи на брзина на полжав.
– Во моментов, следејќи ги информациите во јавноста, се добива впечаток дека, слично како лустрацијата, и овој процес е критикуван од партијата во опозицијата. Ако во минатото лустрацијата ја оспоруваше СДСМ, сега ветингот го оспорува ВМРО-ДПМНЕ од буквално истите причини – вели Стефаноски.
Аналитичарот објаснува дека само доколку разбереме оти ветингот треба да се спроведе без влијание на политиката, тој ќе донесе бенефиција и за институциите и за поефикасна администрација, а со тоа и за граѓаните.
– За жал, кај нас многу често некои решенија што се предлагаат а имаат благородна заднина истовремено имаат и политичка агенда. Во ваквите процеси, како ветингот и лустрацијата, не треба да има политички импровизации, тие не се дозволени, бидејќи ги нарушуваат системот на државата и целиот механизам на дејствување на земјата – заклучува аналитичарот.
Стефаноски како лошо спроведена професионализација поради политичко влијание го покажува примерот на соседна Албанија, каде што ваквиот процес започна и никогаш не финишира.
Експертката Магдалена Лембовска од „Евротинк“, изјаснувајќи се дека со почетокот на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) се испочитувал законскиот рок за воспоставување на ова безбедносно тело, истакна и дека има информација дека немало директен трансфер од УБК кон АНБ, од што и самата стравувала.
Информацијата за преполовување на кадарот и звучи доста солидно, со напомена дека не може да биде сигурна дали во тие половина што останале има и некои што не требало и/или заминале некои што требало да останат.
– Следно треба да следува сериозна стратегија за управување со човечки ресурси, вработување нов кадар на јавен оглас и негова обука – смета Лембовска.
Сепак, за Лембовска остануваат низа неодговорени прашања, кои произлегуваат од ставот искажан од страна на некои државни функционери дека од половината што не ја поминале проверката, никој нема да остане без работа, односно ќе бидат прераспределени во други државни институции. Дали, како што вели, државните институции си создаваат посебни или имаат различни критериуми за ветинг?
Прашањето што го поставува е и дали ако се утврдат проблеми со вештините, личноста, имотот, работата, поврзаноста со криминални структури кај некои лица, тие сепак, наместо во Агенцијата за национална безбедност, ќе останат да работат во МВР или ќе биде направен нивни трансфер во други државни институции, каде што ќе бидат во допир со уште посензитивни информации, можеби не од безбедносен карактер, но сигурно од финансиски, економски, политички…