Македонија фаќа чекор со европските трендови

Иако македонското општество во основа е традиционално, свртено кон семејните вредности, сепак статистиката покажува дека европските трендови стануваат сѐ поприсутни во државата, барем кога станува збор за либералните погледи кон вонбрачните заедници во поголемиот дел европски општества. Статистиката покажува дека по последните 10 години, околу 13 отсто од новороденчињата во Македонија се заведени како вонбрачни деца и таа бројка одржува константа

Вонбрачните деца се табу-тема или се тренд во македонското општество? На што се должи речиси константниот процент на новороденчиња заведени како вонбрачни деца, кој воопшто не е низок? Кои се тие деца, кои се причините? Оваа тема во Македонија многу малку е опсервирана, иако статистиката покажува дека по последните 10 години околу 13 отсто од новороденчињата се заведени како вонбрачни деца и таа бројка одржува константа, односно од околу 19.000 новородени деца на годишно ниво, над 2.500 деца припаѓаат во оваа категорија.

Бројот на вонбрачните живородени деца за 2020 година изнесува 2.466 деца или 13 отсто од вкупниот број на живородените деца се вонбрачни. Според податоците на Државниот завод за статистика, минатата година биле родени 19.031 живородено дете.

Бројот на вонбрачните живородени деца за 2019 година е 2.454 или 13,4 отсто од вкупниот број на живородените деца се вонбрачни.

Бројот на вонбрачните живородени деца за 2018 година изнесува 2.587 или 12,1 отсто од вкупниот број на живородените деца се вонбрачни.

Иако македонското општество во основа е традиционално, свртено кон семејните вредности, сепак статистиката покажува дека европските трендови, во однос на вонбрачните деца, стануваат сѐ поприсутни во државата.

Статистиката покажува дека по градови најмногу вонбрачни деца има во Шуто Оризари, Гази Баба, Тетово, но и во Прилеп и други градови.

Демографот Дончо Герасимовски вели дека вкупниот број на живородени деца во 2020 година е помал од оној од 2019 година, но дека бројот на вонбрачните деца се јавува постојано и е константен.
– Тоа се деца што се родиле во вонбрачна заедница на двајцата родители, бидејќи немаат склучено официјален брак. Затоа нивните деца се запишани во групата на вонбрачни деца. Тие деца се признаени, имаат мајка и татко, но тоа е така само поради статусот на двајцата партнери – посочува Герасимовски.

Според него, оваа појава била типична кај одредени етнички заедници во земјата, како Ромите, но сега станува современа и модерна појава.
– Малку е чудно во едно вакво општество да има деца што се родени во вонбрачна заедница, односно од родители што немаат склучено граѓански брак. Но мора да се потенцира и дека се намалува и бројот на бракови склучен кај младата популација. Така, тоа има и влијание и на вонбрачните заедници. Има доста млади што не склучуваат брак, а живеат заедно со години во вонбрачна заедница. И тоа нема врска со нивната интелектуална образованост или подрачје во кое живеат – заклучува демографот.


Број на вонбрачни деца

2020 година 2.466 вонбрачни деца
2019 година 2.454 вонбрачна деца
2018 година 2.587 вонбрачни деца
2017 година 2.534 вонбрачни деца
2016 година 2.761 вонбрачни деца
2015 година 2.530 вонбрачни деца


Професорката Македонка Радуловиќ од Институтот за семејни студии при Филозофски факултет во Скопје вели дека глобалните трендови во однос на бракот и семејството се рефлектираат и врз нашето општество.
– Процентот на деца родени надвор од бракот изнесува околу 42 отсто во Европската Унија. Бракот сѐ повеќе го губи значењето како заедница чија основна цел е продолжување на потомството. Модерната репродуктивно асистирана технологија овозможува да се добие дете надвор од брачната заедница, па и без партнер/ка. Од друга страна, полиберално се гледа на самохраните родители и вонбрачните заедници во поголемиот дел европски општества. Логично е тоа да се одрази и на македонското општество – вели професорката Радуловиќ.

Очекува дека бројот на деца родени надвор од бракот уште повеќе ќе се зголемува во годините што следуваат.

Демографите изминатиот период, откако е почната корона-кризата во земјава, посочија дека се очекува пад на склучувањето бракови во земјата, како и на наталитетот, што ќе се рефлектира и на демографската слика на земјата.
Инаку, минатата година Македонија првпат влезе во негативен природен прираст. Таа е една од последните земји од поранешна Југославија што сега бележи поголема смртност на населението отколку раѓање живородени деца.