Овој договор ни дава повеќе од тоа, многумина нѐ обвинуваат дека тргуваме за името, но јас гледам дека со овој договор ние ништо не даваме. Имаме само да земеме! Каде во договорот гледате признавање на националноста? Договорот зборува за државјанство, што е различно од националност, самоуверено во јавноста истакнува премиерот на Грција, Алексис Ципрас
Во „напад“ на искреност, во интервју за грчките медиуми, грчкиот премиер Алексис Ципрас, одговарајќи на новинарско прашање на уредникот на атинскиот весник „Катимерини“, изјави дека со овој договор Грција воопшто ништо не дава, туку само зема и добива.
– Ставајќи ја придавката „северна“ пред Македонија, добиваме повеќе отколку досега кога придавката „поранешна“ се однесуваше на Југославија, а не на Македонија. Ние, сепак, досега ја нарекувавме Македонија. Овој договор ни дава повеќе од тоа, многумина нѐ обвинуваат дека тргуваме со името, но јас гледам дека со овој договор ние ништо не даваме. Имаме само да земеме – изјави Ципрас.
Тој експлицитно јавно тврди дека во договорот не се признава националноста, односно не се признаваат македонскиот народ и посебноста, туку прецизно во договорот е утврдено дека се признава државјанството, што, како што вели тој, е различно од националноста.
Каде во договорот гледате признавање на националноста? Договорот зборува за државјанство, што е различно од националност – истакна Ципрас.
На новинарско прашање поврзано со тоа како Македонија ќе ја условуваат другите земји, Ципрас истакнува дека досега меѓународната заедница ги викаше Македонци, а сега ќе мораат во обраќањето кога ќе речат Македонци да додадат, граѓани на Северна Македонија.
– И во овој случај добиваме – резимира Ципрас во својот разговор со новинарите.
Клумнистот и аналитичар Александар Русјаков, коментирајќи го потпишувањето на договорот, се чини дека се согласува со ставовите на Ципрас. Тој вели дека со договорот од Нивици ние изразивме подготвеност „да ги дадеме и името, и идентитетот, и честа, и достоинството, море подготвени сме да се откажеме и од сопствената историја, култура, националност, јазик и традиција за да влеземе таму“.
– Еве, само што потпишавме договор со кој ќе станеме најсеверната јужна земја на светот, во која живее граѓанскиот народ на таа земја, кој, пак, зборува јазик објаснет во фуснота. Потпишавме и дека нашата историја е нивна историја, а нашите малцинства се нивни мнозинства – истакнува Русјаков.
Универзитетската професорка Биљана Ванковска, пак, истакнува дека оние што ќе го прочитаат договорот ќе видат дека станува збор за еден типичен балкански договор, со кој слабата и сиромашна Република Македонија му дава атест на грчкиот историски наратив (кој нема никаква врска со науката, ни историската, ни социолошката) дека тие потекнуваат не само од Александар туку и од амебите, дека во нивните вени тече крвта на Софокле и на Сократ!
– Под американско туторство! Сета акробација е подготвена така (со помош на грчкото лоби во САД, но и поради геополитичкото значење на Грција) за да им потпишеме дека ќе се лоботомираме и ќе заборавиме на злосторствата сторени со етничко чистење, егзодуси и насилна асимилација на сѐ што е македонско во северниот дел на Грција. И не само тоа, се обврзуваме сето она што Грција успешно го направи со Македонците во Грција, да си го направиме дома, а тие ќе надгледуваат како се деноминираме во секој аспект од своето постоење – истакнува Ванковска.
Според професорката, договорот на 20 страници текст содржи не еден, не дваесет, туку стотина ѓаволи во деталите!
– Она што е најважно не е губењето на идентитетот, правниот идентитет на Република Македонија (и нејзиното туркање во непознати води на нов меѓународноправен субјект) и идентитетот на етносот (за што Ципрас отворено зборуваше среде парламентот), туку, што е најдрско, подбивање со сите меѓународни правни инструменти за заштита на индивидуалните и на колективните права! Ако Дејтон и Охрид беа октроирани по пат на меѓународен стејтбилдинг, овде во билатерален договор една држава се јавува како уставотворец во друга – поентира Ванковска.
Фуере: Еднонасочен договор, со повеќе обврски за едната страна – Македонија
Поранешниот амбасадор на ЕУ, Ерван Фуере, го оцени договорот со Грција како „еднонасочен“, со повеќе обврски за Македонија.
– Ова беше спор на кој уште од самиот почеток му недостигаше рамен терен за игра. Грција ја искористи секоја можност за да демонстрира дека, како члена на НАТО и на ЕУ, би можела да ги диктира условите на преговорите. Текстот на конечниот договор навистина дава впечаток на еднонасочен договор, во кој повеќето од обврските треба да бидат исполнети од една страна – Македонија – коментира Фуере.