Предвидено е инфраструктурните активности да завршат до крајот на овој месец, по што ќе следуваат технички преглед и отстранување на евентуалните недостатоци
По неколку години нервози, исчекувања, преписки, закани со поединечни и колективни тужби, сопствениците на градежни парцели на просторот на населбата Касарна во Битола можат да здивнат и без никакви пречки да почнат да ги градат своите објекти. Благодарение на интензивните градежни работи за целосна урбанизација на просторот, сега веќе може да се рече дека таму постојат сите услови за градба на објектите, како за домување, така и за разни други намени.
Деновиве во полн ек е изведбата на инфраструктурните зафати на улиците и тротоарите во населбите АРМ 1 и АРМ 2. Во АРМ 1 се работи на доуредување на веќе изградените улици, а во АРМ 2 интензивно се асфалтираат улиците, се поставуваат рабниците и се градат тротоарите. Паралелно се доработува и деталната каналска мрежа.
Предвидено е инфраструктурните активности да завршат до крајот на овој месец, по што ќе следуваат технички преглед и отстранување на евентуалните недостатоци.
Тоа што особено ги радува сопствениците на градежните парцели е што сега, со комплетната инфраструктура ќе бидат опфатени сите локации во населбата Касарна, каде што битолчани имаат купено градежни парцели и за кои имаат платено комуналии, но поради непостоење на услови за градба тие едноставно со години не можеа да градат.
Вкупната вредност на инвестицијата за реализација на комплетна инфраструктура на 14 улици во Касарната, поточно во АРМ 1 и АРМ 2, изнесува 155 милиони денари, или околу 2,5 милиони евра.
Овие средства се обезбедени од кредитната линија на Светска банка за изградба на инфраструктурни објекти, за која пред неколку години се задолжи бившиот градоначалник на Битола, Владимир Талески. Откако од страна на Министерството за одбрана просторот ѝ беше отстапен на локалната самоуправа, со оглед на атрактивноста, населбата Касарна беше преименува во „Златен рид“.
Во текот на изминативе години, поради неизградената инфраструктура, некои од сопствениците на градежни парцели, кои ги издаде трпението, почнаа да ја тужат општината и да бараат надомест на штета што не им биле овозможени услови за градење. Покрај индивидуалните сопственици на градежни парцели, со тужби се заканија и сопствениците на парцели за колективна станбена изградба, па, така, според некои математики, досега на општината Битола ѝ побаруваат над 400.000 евра, а според информациите од локалната самоуправа, постојано пристигнуваат нови тужби.
Инаку, според подготвениот план за градба, проектот за Касарната предвидува изградба на речиси еден комплетно нов град, во кој би живееле околу 5.000 битолчани. Но, и покрај атрактивноста на парцелите, во последно време поради неуредноста на градежните парцели падна интересот за градење во Касарната, така што најголемиот број парцели едноставно беа празни и неизградени. Во Касарната не градеа ни битолските моќници од претходната власт, кои купија по неколку илјади хектари градежни парцели за изградба на хациенди, а иако почна беше стопирана и изградбата на филмското студио, каде што требаше да се снимаат филмови во рамките на проектот „Битола филмски град“.