ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ОД КОРОНАВИРУСОТ
Препораката на Владата се однесува на поголемите јавни собири што се планирани во овој период, како што се „Струмичкиот карневал“, карневалот „Прочка“ во Прилеп и сите слични во периодот до 6 март
Сите спортски натпревари и културни манифестации во земјава да се одржуваат без публика, поради опасноста од ширењето на коронавирусот. Оваа препорака беше донесена вчера на последната владина седница, по предлог на министерот за здравство Венко Филипче.
– Владата им препорачува на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до 6 март годинава да се играат без публика. Истата препорака се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации. Сите организатори на други јавни настани своите одлуки да ги донесуваат врз основа на консултација и мислење на Комисијата за заразни болести – велат од Владата.
Оттаму посочуваат дека препораката се однесува на поголемите јавни собири што се планирани во овој период, како што се „Струмичкиот карневал“, карневалот „Прочка“ во Прилеп и сите слични.
– Сите мерки што ги презеде Министерството за здравство, насоките на управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, како и постојаниот мониторинг, од кои произлегуваат секојдневните мерки и препораки на кризниот штаб, на Комисијата за заразни болести, како и на Институтот за јавно здравје ги постигнаа очекуваните резултати – посочуваат од Владата.
Истиве мерки веќе ги презеде и швајцарската влада, која објави дека ги забранува сите „јавни и приватни“ собири во земјата, како мерка за да се спречи ширењето на коронавирусот.
Пациентката кај која како прва беше откриен коронавирусот останува досега единствена. Според последното соопштение на министерот Филипче, нејзината општа здравствена состојба е добра и стабилна, не покажува знаци на евентуални идни компликации и влегува во фазата на закрепнување. Лицата што биле во контакт со оваа пациентка сѐ уште се во домашна изолација под медицински и безбедносен надзор. Министерот Филипче информира дека со здравствените власти вчера стапило во контакт лице од Струмица, кое во земјата се вратило од северна Италија на 22 февруари и самото се ставило во изолација во периодот додека е во земјата. Тој се одѕвал на апелите на здравствените институции и самиот се јавил во Центарот за јавно здравје и сега е под лекарски мониторинг. Задолжителна домашна изолација им е препорачана и на двајцата бугарски државјани што службено престојуваат во нашата земја и кои во критичниот период биле во регионите на северна Италија, но според нивните искази, немале директен контакт со заболени. Во регионот, засега, најголем број случаи со коронавирус има во Италија, а инфицирани лица има и во Хрватска и во Грција.