Сè е подготвено за отпочнување на теренското попишување на 5 септември, населението со доверба ќе ги прими попишувачите, изјави портпаролот на Владата, Душко Арсовски. Тој информира дека во сите комисии на 50-те пописни реони завршија обуките на реонските инструктори и потоа и на реонските попишувачи.
– Во деновите до недела, кога во 8 часот утрото попишувачите ќе излезат на терен, ќе се вршат дополнителни обуки, но и обиколка на пописните кругови со кои се задолжени попишувачите. До недела, секој попишувач, заедно со својот реонски инструктор ќе направи и план на движење низ пописниот круг а сè со цел ниту еден објект, ниту едно домаќинство да не остане неопфатено – рече Арсовски.
Кажа дека е сигурен оти населението со доверба ќе ги прими попишувачите и ќе ги даде потребните податоци кои, според него, ќе овозможат подобра иднина за сите нас и за земјата во целина.