Интервју со професорот Методи Хаџи-Јанев
Универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев е одличен познавач на безбедносните и меѓународните случувања поврзани со Блискиот Исток и со Авганистан, каде што учествувал и во повеќе мировни мисии. Тој во интервју за „Нова Македонија“ ја презентира својата стручна експертиза за актуелните случувања во Авганистан, што фрла една поинаква светлина за мноштвото дилеми и нејаснотии што се актуелни во јавноста
Како ги оценувате актуелните настани поврзани со Авганистан и може ли да се направи еден пресек на состојбите во оваа земја, која долго беше зафатена од конфликти, каде што наедно и Македонија имаше своја мировна мисија?
Состојбата во Авганистан, секако, е разочарувачка за сите оние што веруваа во хуманоста, во напорите на либералната демократија и капацитетите за спроведување процес на градење нации, ако не ист барем налик на оној во Германија и во Јапонија – основата на која требаше да се гради концептот по смената на режимот. Сепак, би било несериозно ако не се подвлече дека Авганистан е и голем сигнал („вејк-ап кол“) за тоа дека процените (безбедносни и дипломатски), очекувањата и решенијата допрва ќе бидат непредвидливи и надвор од матрицата на колективната безбедност онака како што се навикнавме да ги гледаме во периодот по Студената војна. Напротив, треба да очекуваме засилување на одлуките што се базирани на суверенитет и национален интерес, колку тоа и да не ни се допаѓа, иако за тоа има повеќе причини, кои се надвор од предметната дискусија. Овој повик предупредување, морам да подвлечам, е до сите сегменти и клучни актери во државите, но и за нас битни евроатлантски организации, а кои освен во одредени анализи, „полиси пејпери“, насоки или процени, се заглавени баеги во периодот во кој либерализмот е без предизвик и е единствена опција. Колку и да изгледа теоретско и апстрактно, сево ова е од особено значење, бидејќи крахот во Авганистан е токму тоа. Ако рамката во која ги носите одлуките е промашена, колку и да се добри одлуките, колку и да е добар менаџментот, одделните акции и напори, ресурсите, буквално сѐ ќе го има префиксот на промашената рамка од која зависи големата слика. После тоа фрустрациите се поголеми. Ако сево ова го преведете во она што се случуваше на терен, ќе добиете неуспех да се сфати судирот на култури, неуспех на политиката да сфати дека оперативците – војниците на кои им беа доверени задачи надвор од мисијата и капацитетите – како на пример, да организираат избори, да ги менаџираат, да градат цивилни капацитети и сето тоа во збрка од политички насоки, кои се со различен интерес и неконзистентни како што се менуваат администрациите во западниот свет, ќе стане јасно зошто Авганистан е сериозен сигнал дека нешто треба да се менува. Ако бидете уште пореални, ќе признаете дека обидот за „универзализација на вредностите“ – читај демократија, а со тоа слобода е слобода, или права се права, само ако се онакви како што ги сфаќаат во Брисел, Вашингтон, Лондон, Париз, да не зборуваме за Софија, Љубљана, Скопје, Тирана или Загреб, без притоа да бидете подготвени да направите реални отстапки и да жртвувате интерес е најголемата причина за неуспехот. Во тој дух на пример, прво, да му кажете некому дека ќе му дадете право на глас, ама откако ќе ги добиете резултатите од изборите – само затоа што се непосакувани или навреме не сте сфатиле дека колективизмот во Авганистан и индивидуализмот во Брисел, Вашингтон или Лондон, не даваат ист резултат, да кажете „еј слушај, пу… пу… тоа не важи“. Второ, на пример, да сакате да изградите цивилен капацитет – бидејќи тоа му требаше на Авганистан по години војување, ама во исто време да ставите ограничувања околу тоа кој е подобен, а кој не, па и да имате ограничувања околу тоа што може да биде развојот на тој цивилен капацитет. За да не должам, за сликовито да го разберете проблемот топло го препорачувам сатиричниот холивудски филм „Воена машина“ каде што се објаснети овие работи преку сатира.
Македонија ги отвори границите за цивилното население што бега од талибанците во Авганистан, но многу прашања од овие настани останаа неразјаснети. Може ли да се дообјасни какви евентуални последици или реперкусии може да се очекуваат од приемот на бегалците во нашата земја?
Искрено, иако многу се дебатира на оваа тема, реперкусиите може да бидат и позитивни и негативни. Позитивни, на пример, ако со овој потег не се предизвика внатрешен проблем во смисла на лош менаџмент на проектот, а во исто време се прикаже како лидерски и дипломатски, многу сличен како одлуката за учество во „Слобода за Ирак“. Ве охрабрувам да ги прочитате историски, изјавите по таа одлука да одиме во таа мисија. Првично, беа многу негативни, од МАНУ, преку изјави во Собранието, до, ако не се лажам, негодувања и од некои официјални челници на државата во извршната власт. За потоа сето тоа да се амортизира, па оние што вревеа за одлуката славеа за признавањето од САД, само за една и пол или нешто повеќе години од првичната одлука во 2002 г. Негативни, ако немате идеја што ќе правите со луѓето. Уште повеќе ако потфрли системот. Да заклучам, сѐ зависи од нас и од тоа што ќе се прави со тие луѓе. Која е идејата за нив.
Постојат најразлични толкувања за тоа кои и какви луѓе од Авганистан ќе дојдат во Македонија, па оттука може ли да се појасни што би значело нивното доаѓање кај нас од безбедносна и политичка природа?
Тоа е факт дека ако тргне бранот, во него ќе има сѐ. Тоа значи дека ќе има лица на кои реално ќе им треба помош, лица што бараат само подобра егзистенција и лица чии намери не се толку наивни. Искрено не верувам дека оние што имаат злонамерна цел, таа цел ќе сакаат да ја реализираат кај нас. Но не е исклучено да сакаат гневот да го „истресат дури и попатно“, ако постои егзистенцијално загрозување. Искрено верувам дека имаме капацитет за сево ова превентивно да го спречиме. Е сега друго е како тој капацитет ќе го менаџираме и координираме.