Светската здравствена организација соопшти дека нема пристап до податоците за состојбата со епидемијата на коронавирусот во Северна Кореја. Здравствените експерти претпоставуваат дека ситуацијата со епидемијата во земјата се влошува, спротивно извештаите од Пјонгјанг за „напредок во лекувањето на треската“.
Северна Кореја која ги објави своите први случаи на коронавирус на 12 мај, минатата недела соопшти дека болеста (официјално посочена како „треска“ во земјата) е под контрола, со известувања на државните медиуми дека бројот случаи се намалува.
Сепак, директорот на СЗО за вонредни ситуации Мајкл Рајан го доведе во прашање таквото тврдење.
-Претпоставуваме дека ситуацијата се влошува, а не се подобрува“, изјави тој пред медиумите, посочувајќи дека севернокорејските власти до СЗО доставиле мошне ограничени информации. „Во моментов не можеме да направиме соодветна проценка на ризикот за ситуацијата на теренот – рече тој, истакнувајќи дека е многу тешко да се обезбеди соодветна анализа без пристап до неопходните податоци.
Марија Ван Керхове, шеф на одделот за Ковид при СЗО, рече дека во Северна Кореја се регистрирани повеќе од три милиони сомнителни случаи на Ковид, иако во официјалните извештаи се посочуваат само случаи на „треска“.
Севернокорејската државна Централна новинска агенција изутринава објави за околу 96.600 нови „случаи со треска“ во последните 24 часа, вкупно 3,8 милиони случаи од крајот на април. Не се пријавени нови смртни случаи, со тоа што до крајот на минатата седмица бројот починати како последица на болеста изнесуваше 69.
Јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ објави дека трет ден последователно бројот новопријавени случаи е помал од сто илјади, што е значајно помалку отколку на средината на мај кога дневно имаше и до 390 илјади инфицирани.
Иако има еден од најлошите здравствени системи во светот, Пјонгјанг објави дека повеќе од 95 отсто од случаите се опоравиле од болеста.
-Пријавени се многу оздравувања, но моментално располагаме со ограничени информации од властите – рече Ван Керч.
Здравствените експерти посочуваат на важноста од тоа како земјата ќе се справи со епидемијата, во која нема ниту еден вакциниран граѓанин.
-Многупати понудивме помош. Во три наврати понудивме вакцини и се уште го правиме тоа – рече Рајан.
СЗО постојано предупредува дека неконтролираното ширење на коронавирусот може да доведе до мутации и создавање нови, потенцијално поопасни варијанти на вирусот.