Омикрон варијантата на коронавирусот кај малите деца предизвикува многу полесна клиничка слика во споредба со сите претходни соеви и подваријанти на коронавирусот, вели д-р Бесник Зекири, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ во Скопје.
Констатацијата на Зекири се совпаѓа со студијата која ја објави американскиот Универзитетот „Кејс Вестерн Резерв“ во Кливленд, која опфаќа анализа на 80.000 деца на возраст под 5 години кои првпат биле заразени со коронавирус, меѓу кои 7.201 дете заразено кон крајот на декември или почетокот на јануари, кога варијатната омикрон доминира кај 90 проценти од случаите.
Според податоците со кои расоплага д-р Зекири, од појавата на коронавирусот во Македонија до денес, омикрон се издвојува како најпренослив меѓу децата, но и со најлесна клиничка слика.
– Од појавата на омикрон-варијантата, во нашата установа вирусот го детектиравме кај повеќе од 200 дечиња, а уште толку случаи откриени се со тестирања во другите медицински установи, по што на децата им се препишува терапија и одат во домашна изолација – вели Зекири.
Моментално во „Козле“ има хоспитализирано 30 дечиња со лесна клиничка слика, а меѓу нив, како што информира д-р Зекири, многу мал е бројот на деца на кои им е потребна кислородна поддршка. Исто така потенцира дека меѓу хоспитализираните нема деца исклучиво поради омикрон, туку дека тоа се деца кои покрај омикронот имаат и друг здравствен проблем.
Американската студија покажува дека децата инфицирани во време на доминација на омикрон имаат за 29 отсто помал ризик од посета на медицинска установа, 67 отсто помал ризик од хоспитализација, 68 отсто помал ризик да имаат потреба од интензивна нега и за 71 отсто помал ризик од потреба од машини за дишење во споредба со децата заразени со делта-сојот. Водачот на тимот кој работел на студијата, Ронг Ксу истакнува дека децата на возраст под 5 години имаат највисока стапка на инфекција со омикрон во споредба со постарите деца и останатите возрасни групи.
Д-р Зекири потенцира дека голем број од децата заразени со омикрон-варијантата, вирусот го поминуваат без никакви симптоми и здравствени проблеми, дека многу е мал бројот на деца на кои им е потребна хоспитализација и кислородна поддршка и дека ниту едно дете во нивната клиника немало потреба од респираторна поддршка.
Според последните објавени официјални податоци, во Македонија има 20.571 активни случаи, а вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на пандемијата изнесува 256.281 лица, бројот на оздравени пациенти е 227.492, на починати се 8.218.