Во текот на оваа недела треба да бидат познати следните чекори во врска со целокупниот процес на имплементација на Договорот од Преспа и натамошните перспективи за интегрирање на земјата во ЕУ и НАТО. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и натаму на ставот дека нема да поддржи уставни измени, а власта нагласува дека ќе стори се што е во нејзина моќ да го обезбеди двотретинското мнозинство, во спротивно ќе се оди на предвремени избори.

Исходот од обидите да се даде поддршка на уставните измени, најверојатно ќе се знае в среда, кога премирот Зоран Заев, како што рече минатата недела, ќе соопшти дали има мнозинство или политичките субјекти силите ќе мора да ги пресметаат на предвремени избори. 

– Веруваме дека ќе имаме некаков резултат до крајот на неделава или почетокот на наредната. Некаде околу 10 октомври е некаков таргет кога треба да и соопштиме на јавноста кои се следните чекори. Се надевам дека ќе имаме можност да соопштиме дека е обезбедено потребното двотретинско мнозинство, истакна Заев минатата недела. 

Заев

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вчера излезе со нови барања до власта – предвремени избори со формирање пржинска влада и јавен обвинител на предлог на опозиција или отфрлање на Договорот и избори, по кои ќе се избере јавен обвинител со консензус на сите партии. 

– Има две опции. Првата се избори, кои Зоран Заев ги најави и ВМРО-ДПМНЕ ги прифати. За тоа да се случи мора да има техничка влада. Потребно е да се создаде атмосфера на фер услови и да се избере јавен обвинител на предлог на опозиција. Втората опција е Зоран Заев веднаш да се откаже од Договорот и веднаш на избори, па народот да одлучи. ВМРО-ДПМНЕ по изборите веднаш ќе поддржи создавање нова институција за гонење на криминал, водена од јавен обвинител постигнат со консензус од сите партии, побара Мицкоски. 

мицкоски

Прашан за коментар околу потврдената пресуда од Апелација на екс-премиерот Груевски и наводно тргување со пратенички гласови за негова слобода, Мицкоски рече дека самиот факт што некој мисли дека владата на Зоран Заев тргува со правдата, зборува за тоа во каков амбиент и општество живееме.

СДСМ останува на ставот дека над 600 илјади граѓани кажаа дека се за ЕУ и НАТО и тоа мора да биде испочитувано.

Од раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски побара да престанат да шират измислици и лажни вести и јасно да кажат дали се за влез на Македонија во ЕУ и НАТО.

– Изборот е јасен или ЕУ и НАТО или изолација. Врвот на ВМРО-ДПМНЕ треба да каже за што е, нагласува владејачката партија. 

Меѓудругото СДСМ обвинува дека ова се обиди да му се обезбеди амнестија на Никола Груевски.

Груевски изјава-Потврдена казна на Апелација

А Груевски отфрла какви било обиди за негова амнестија. Тој од својот ФБ профил упати предупредување до неговата партија дека не смее да биде уценета, бидејќи, како што пишува, ако ВМРО-ДПМНЕ е уценето, уценета е и Македонија.

Апелацискиот суд в петокот како неоснована ја одби жалбата на поранешниот премиер Груевски и во целост ја потврди првостепената пресуда од 23 мај, за затворска казна од две години. Груевски е виновен за поттикнување за извршување на делото за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра. Предметот „Тенк“ е прв случај на Специјалното јавно обвинителство што е пред целосно пресудување.

Според ДУИ, пак, сега не е време за предвремени парламентарни избори, туку да се прифати Договорот и да се оди напред. 

Партијата, која е коалциски партнер на СДСМ во Владата од минатонеделниот состанок на централното претседателство излезе со заклучок дека во моментов не е време за предвремени парламентарни избори, туку за изнаоѓање решение со кое ќе се имплементира Преспанскиот договор во Парламентот.

Оценка на ДУИ е дека со евентуални избори ќе се наруши динамиката на имплементацијата на Договорот од Преспа, што, пак, може да доведе до сериозна блокада на интегративните процеси на Македонија во НАТО и ЕУ.

Деновиве во тек се разговори и средби меѓу пратениците со цел да се утврди дали постои можност за двотретинско мнозинство. Дека се разговара со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ потврди и потпретседателот на СДСМ Мухамед Зеќири викендов на прес-конфренција.

Тој рече дека се во постојана комуникација со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со цел да се обезбеди двотретинско мнозинство, а кога ќе има конкретна информација ќе биде соопштена во јавност.

Актуелното собраниско мнозинство има 72 пратеници, а за поддршка на уставните измени се потребни уште осум.

Во меѓувреме американскиот аналитичар Јануш Бугајски вчера излезе со оценка дека Скопје е ново руско упориште на Балканот и дека Кремљ смета на тоа дека Македонија може да стане нова Република Српска.

– Ако се блокира македонскиот пат кон западните институции, националните тензии ќе се зголемат во целиот регион, а Кремљ ќе инвестира дополнителна енергија за да ги загрози кревките демократски достигнувања во Западен Балкан, а ЕУ и НАТО ќе бидат се подалеку, вели Бугајски во изјава за „Побједа“.

јануш бугајски

Смета дека ако Договорот не се поддржи земјата ќе биде повеќе изложена на етничка радикализација, регионална нестабилност и мешање на Москва.

Единствениот излез на Заев може да биде повик за предвремени избори во ноември, иако тоа само по себе претставува ризичен предлог, со оглед на тоа што националистите се охрабруваат од бојкот на референдумот, оценува американскиот аналитичар.

Предупредува дека доколку Србија и Косово не постигнат договор за промена на границите, некои некои албански лидери, како на Косово, така и во Македонија, можат да видат можност за натамошна етничка хомогенизација, поврзување на територии.