Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека го помилувал поранешниот гувернер на Илиноис, Род Благојевиќ, кој беше во затвор поради изнуда, подмитување и корупција. Шеесет и двегодишниот член на Демократската партија осум години помина во затвор, а осуден е на 14 години, бидејќи се обидел да продаде место во Сенатот, кое до изборите за претседател на САД му припаѓало на Барак Обама.
Трамп, во неколку наврати, тврдеше дека Благојевиќ е преостро казнет и веќе во август минатата година најави дека ќе го помилува некогашниот гувернер на Илиноис.
Американскиот претседател објави и други броjни помилувања на осудени лица, меѓу кои и на финансиерот Мајкл Милкен, кој се изјасни за виновен по обвиненијата за кршење на американските закони за безбедност.
Исто така помилуван е и поранешниот началник на полицијата во Њујорк, Берни Керик кој отслужил нешто повеќе од три години затвор за затајување данок и за лажење додека бил интервјуиран за функцијата министер за безбедност.
Трамп ја соопшти веста пред новинарите пред да отпатува за Калифорнија.