Републиканци и демократи во Сенатот поднесоа предлог-закон кој има за цел воведување санкции кон Саудиска Арабија поради смртта на саудискиот новинар Џамал Кашоги.
Ако законот биде одобрен, ќе прекине продажбата на оружје на Саудиска Арабија и ќе им се забрани на САД да ги дополнуваат со гориво авионите на коалицијата предводена од Ријад, која во Јемен дејствува против бунтовниците хуси.
Во законот се предлага и воведување санкции за сите што ќе блокираат пристап на хуманитарна помош за Јемен.
Во исто време, канадската министерка за надворешни работи, Кристија Фриланд, рече дека Канада може да го следи американскиот пример и да воведе санкции против саудиски лидери, вмешани во убиството на Кашоги.
Таа рече дека Канада ја поздравила одлуката на САД да воведе финансиски санкции против 17 саудиски претставници според „законот Магнитски“. Меѓу санкционираните има и блиски на саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман.
Весникот „Вашингтон пост“, со кој соработуваше Кашоги, повика на независна истрага за неговото убиство, „затоа што ниту Саудиска Арабија, ниту САД го прават она што е потребно за да се дојде до сржта на тоа што се случило со колумнистот“.
Главниот извршен директор на весникот, Фред Рајан изјави дека активностите, кои досега ги презеле владите на Саудиска Арабија и на САД, не одговориле на прашањата во врска со судбината на Кашоги, кој беше убиен на 2 октомври во саудискиот конзулат во Истанбул. Рајан додаде дека „саудиската истрага била напор да се прикријат оние кои се одговорни за тоа одвратно злосторство, кога ги има сите основи да се верува дека тоа било дозволено од највисоките нивоа на саудиското влада“. Тој додаде дека „САД треба да побараат независна истрага која ќе стигне до вистината за убиството на еден невин новинар“.