Во дијалогoт со Република Македонија, Бугарија ги брани не само националните интереси, туку пред се вредностите на Европската Унија, кои се темелат на демократија и почитување на човековите права. Ова го изјавил бугарскиот претседател Румен Радев, кој денеска одржал телефонски разговор со претседателот на Сојузна Република Германија Франк-Валтер Штајнмаер, пренесуваат бугарските медиуми.
Разговорот го иницирал германскиот претседател во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи на 5 и 6 октомври во Словенија.
– Целиот регион ќе има корист од напредокот постигнат во процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија – истакнал Радев.
Тој додаде дека Бугарија очекува конкретни резултати во однос на почитувањето на човековите права во Македонија, што ќе го забрза овој процес.
– Во моментов, во тек е попис на населението во Република Северна Македонија и во Бугарија има голем број сигнали за притисок врз луѓето кои отворено го изјавуваат својот бугарски идентитет, што е неприфатливо за земја која аплицира за членство во ЕУ – потенцирал Радев според соопштението од неговата прес -служба.
Радев, исто така, нагласил дека бројните декларации и ветувања дадени од државниот врв на Македонија кон Бугарија во текот на годините остануваат неисполнети, вклучувајќи го и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан во 2017 година.
– Затоа ние се залагаме за правно обврзувачки гаранции во билатералниот дијалог од страна на Република Северна Македонија – додал бугарскиот претседател.