Кон крајот на 1900 година, жителите на Софија биле сведоци на несекојдневен настан. Актери облечени во македонска народна носија одржувале проба, притоа од сцената можело да се слушне – Какви маки сум тргала, се чудам, како не сум умрела до сега. Еј! Гиди живот наш! – Македонскиот говор не бил туѓ за бугарската престолнина, ако се земе во предвид дека во почетокот на 20 век, во Софија живееле 20 000 Македонци. Но, дотогаш не била поставена театарска претстава на македонски јазик. Набргу потоа била закажана и праизведбата во салонот на Славјанска беседа. Претставата ја возбудила бугарската политичка елита, која се нашла под притисок на турскиот дипломатски претставник во Софија кој барал прекинување на оваа активност поради содржината на делото. Бугарската власт наредила да стави крај на сценската реализација, меѓутоа главните протагонисти се оглушиле на заповедта и премиерата била закажана на 7 декември 1900 година.
Кога Македонците во Софија се собрале пред „Славјанска беседа“ со намера да ја гледаат претставата, пристигнале вооружени бугарски коњички стражари со цел да ја изгонат македонската толпа. Но, пред нив застанале комити вооружени со ками и револвери кои го обезбедиле текот на премиерата. Станува збор за „Македонска крвава свадба“ на Војдан Поп Георгиев, познат како Војдан Чернодрински, кој во предговорот на своето дело пишува дека – Што напишав јас? Ништо не напишав. Јас го препишав од сè уште ненапишаната крвава историја на Македонија она што читателот ќе го прочита, а гледачот ќе го види во театарот. Крвожедноста на нашите Турци-бегови, готовноста на Македонките да умрат, но верата да не си ја менуваат, а машкоста на Македонецот јуначки да им одмаздува на оние крвници што ја извалкаа или ќе се обидат да ја извалкаат неговата семејна чест ете, во тоа главно се состои содржината на пиесата. Успеав ли? Дали точно препишав? Не знам; за тоа нека се искажат г-дата критичари. Ако сум успеал, се радувам, ако пак не, сиот грев го фрлам на оние што можат поубаво да ја извршат оваа работа, која мене не ми беше по силите. –
Во позадина конците ги влечел Борис Сарафов еден од највлијателните македонски револуционери. Сарафов со поддршка на Гоце Делчев и Ѓорче Петров успеал да го преземе Врховниот македонски комитет, организацијата на македонската емиграција во Бугарија, и набргу започнал со револуционерна активност. Меѓу останатото, Сарафов морално и финансиски го покровителствувал Војдан Чернодрински и неговата претстава која требало да ги револуционизира Македонците и да ги поттикне директно или индиректно да го помогнат ослободувањето на Македонија. Оваа претстава без поддршката на Сарафов немала да биде возможна, всушност тој ги испраќа вооружените комити кои ја обезбедувале „Славјанска беседа“. За влијанието на овој револуционер дознаваме од бугарскиот дипломат Григор Начевич според кого – еден поранешен министер ми рече, дека во негово време Македонците добиле од Австрија 4 000 манлихерови пушки, кои тој тајно ги препуштил во Бугарија, бидејќи го заплашувале, дека ќе го убијат ако се спротистави. –
„Македонска крвава свадба“ ја постигнала целта. Христо Милчинов (негови потомци се Илија Милчин и Владимир Милчин) бил толку убедлив во улогата на Осман бег, што публиката фрлала по него столови и му правеле разни инциденти затоа што ја грабнал Цвета.