По губењето на пространата територија што некогаш ја контролираше, Исламската држава (ИД) најде ново засолниште каде што уште опстојува – на Интернет, пишува „Вашингтон пост“.
Но, опстанокот на терористичката организација не е лесен ниту во виртуелниот простор. Платформите на социјалните медиуми станаа ревносни во борбата против механизмите за пропаганда на милитантната група. Социјалната мрежа Телеграм на која моментно се наоѓа „медиумскиот штаб“ на ИД ги отстранува каналите и чет-собите на терористичката организација. Подеднакво непријателски расположени кон ИД се и Фејсбук, Твитер и Јутуб кои исламистите досега ги користеа за ширење пропаганда.
Но, ИД можеби изнајде решение што ќе ја направи „недопирлива“ за мерките за отстранување од Интернет и кое може да го смени начинот на онлајн-борбата.
„Зиронет“ беше создадена во 2015 како средство за заобиколување на интернет-цензурирањето. Таа платформа функционира преку создавање на мрежа за комуникација преку јазли („пир то пир“). Обичните интернет-страници се хостирани од еден сервер, но сајтовите на „Зиронет“ се децентрализирани. Страниците на „Зиронет“ можат да бидат создадени со инсталирање на софтверот на платформата на компјутер-домаќин. Кога посетителите ја отвораат страницата, тие всушност ја хостираат на нивните компјутери (стануваат „домаќини“ на страницата) доколку го имаат истиот софтвер на „Зиронет“. Корисниците што ја шират комуникацијата остануваат анонимни ако се поврзат со овие страници преку мрежата „Тор“.
Со други зборови компјутерите-домаќини функционираат како главен сервер на интернет-страницата, се додека таквата улога не ја преземат следните посетители. Ваквиот начин на функционирање без единечен домаќин ја елиминира ранливоста која е присутна на останатите платформи, бидејќи не постои компанија или извор на содржината која надлежните служби би ја отстраниле. Затоа, слоганот на „Зиронет“ гласи „Содржината не се наоѓа никаде, бидејќи е насекаде“.
Токму затоа, хакерската група поврзана со ИД, „Сајбер Калифат“, објави сопствена страница на „Зиронет“ во септември 2016 година.
– Ова е наша арена која никогаш нема да ја напуштиме, без разлика што и да сторите. Сакавте електронска војна, тоа и го добивте. Вашите глупави практики на социјалните медиуми нема да не спречат, и ние ќе ви покажеме што значи тероризам – се наведува во соопштението на „Сајбер Калифатот“.
„Зиронет“, сепак, не стана водечка компонента во машинеријата за медиумска пропаганда на ИД, бидејќи бара дополнително симнување на софтвер. Но, во последно време се појавија алтернативни начини за пристапување кон „Зиронет“ со што платформата повторно се актуелизира меѓу поддржувачите на ИД. Алармантен е потенцијалот на „Зиронет“ во борбата против тероризмот, и покрај нејаснотиите за начинот на користење од страна на терористите. Онлајн-борбата против ИД досега се сведуваше на откривање на нејзините тактики за заобикулување на безбедносните мерки на разните платформи.
ИД исто така, почна да промовира сопствени налози на помалку сомнителни апликации, како оние посветени на разни бизниси и на видео-игри. Ова е уште едно потсетување дека машинеријата за онлајн-пропаганда претставува значително оружје на терористите.