Вечерва почнаа со митинзи тројцата претседателски кандидати за престојните претседателски избори. Гордана Силјановска-Давкова како кандидат на опозициската ВМРО-ДМПНЕ ја започна својата кампања во Охрид, кандидатот владеачката СДСМ тргна од Крушево и Прилеп, а претседателскиот кандидат поддржан од Алијансата на Албанците и движењето Беса, Блерим Река кампањата ја започна од плоштадот Скендербег во Скопје.
Силјановска пред охриѓани порача дека единствената реформа на сегашна власт во периодот на нивното двегодишно владеење е само Преспанскиот договор и промената на името. Според кандидатката на ВМРО-ДМПНЕ, договорот не е рамноправен и надвор од задолжителното меѓународно право.
– Треба да победиме на претседателските избори и да ја делигитимираме власта за сè што стори за овие двеипол години. Треба да отвориме пат за предвремени парламентарни избори и за ново парламентарно мнозинство што ќе води сметка за копенхагеншките критериуми – истакна Силјановска.
Таа дополни дека името „Северна Македонија“ нема иднина и дека доколку победи на претседателските избори, таа ќе направи уставна промена со која ќе го заштити името со клаузула за напроменливост.
На митингот во Охрид се обрати и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Кандидатот поддржан од коалицијата предводена од СДСМ, Стево Пендаровски пак, вечерва официјално ја почна кампањата од Крушево, а потоа зборуваше и пред граѓаните на Прилеп.
– Нашата опција е само напред. Нивната е назад. Тоа не смееме да го дозволиме. И нема подобра опција од интеграцијата во ЕУ. Ако некој мисли дека со изолација економијата ќе цвета, се лаже или лаже. Се разликуваме како небо и земја, затоа повикувам на максимална мобилизација и излезност на изборите – повика Пендаровски од Крушево.
Според кандидатот за претседател Стево Пендаровски недозволиво е државата да се води од Будимпешта.
– Не ми паѓа да бидам злосторник и да не потпишам двапати гласани закони. Ќе бидам претседател со интегритет. Мора да има граница. Недозволиво е нашата држава да биде водена од Будимпешта – рече Пендаровски во Прилеп.
Пред крушевчани и прилепчани се обрати и премиерот и претседател на владеачката СДСМ, Зоран Заев, кој истакна дека Стево Пендаровски е создаден за претседател и дека одлично е едуциран и го владее меѓународното право.
Третиот претседателски кандидат Блерим Река поддржан од Алијансата на Албанците и „Беса“ вечерва ја почна претседателската кампања од плоштадот „Скендербег“ во Скопје.
Пред присутните, претседателскиот кандидат Блерим Река рече дека се пишува новата историја за Република каде владее правото, а не поединецот. Најави борба против корупцијата, непотизмот и селективната правда.
– Со вашиот глас докажете дека не сме анонимни 20 отсто. Докажете дека вие не сте само гласачи, туку и гласани. Затоа, Албанецот и не можеше да биде избран за претседател. Ова ќе се промени на 21 април, кога вие ќе го изберете претседателот. Од вас зависи дали сте за Албанец за претседател на Републиката. Вие сте суверенот што одлучува дали вашиот глас ќе ја направи Северна Македонија мултиетничка и евроатланска Република – рече Река.
На промотивната конвенција во Скопје се обратија и претседателот на Алијансата на Албанците Зијадин Села и претседателот на движењето „Беса“ Биљал Касами.
С.Н.М; Ка.М