Сара Ристевски повторно застана на страната на нејзиниот татко Борче Ристевски, зборувајќи за загубата и за маките кои ги претрпела по „чинот на насилство“ во кој била убиена мајка ѝ Карен, давајќи приказ за карактерот на нејзиниот татко пред судот, објавува весникот „Аустралиан“.
Нејзината изјава која го опишува бракот на родителите како идиличен и Борче Ристевски како „добар татко“, беше контрастна во однос на изјавите на семејството на Карен, чии членови зборуваа за предавството на обвинетиот.
– По чинот на насилство, мојот татко се соочи со губење на работата, на почитта во заедницата и на долгорочни пријателства. Ваквите околности ме оставија без обата родители. Знам дека не можам да сторам ништо за да го сменам тоа, но можам да се обидам да ја кажам вистината за тоа колку добар татко и сопруг беше за мене и за мојата мајка – истакна Сара Ристевска, која посочи дека е свесна за обвинението против нејзиниот татко, но оти тоа не влијаело врз нејзината писмена изјава.
Ќерката на Ристевски застана на страната на татка си и на сослушувањето во Мелбурн. Сара зборуваше како доаѓало до караниците помеѓу Борче и Карен, дури и поради излегувањето до продавница, посочувајќи дека „нејзиниот татко секогаш се обидувал да ја смири ситуацијата“.
Сара беше покрај Борче и на прес-конференцијата организирана набргу по исчезнувањето на Карен, таа ја издржа опсадата на нивниот дом во Мелбурн, од страна на медиумите, порачувајќи дека ги мрази. Судот имаше прилика да слушне од Сара, како прашањата на медиумите ја прогонуваат, на сослушувањето.
Признавајќи го убиството, Ристевски избегна доживотна затворска казна. Максималната казна за убиство без умисла изнесува 20 години, но правните експерти сугерираат оти тој би можел да добие поблага казна.
Ристевски се соочи со обвинението за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година.
Казната за Борче Ристевски ќе биде изречена на 18 април. М.Ж.