По пет дена неизвесност, американските медиуми го проектираат Џо Бајден како победник на претседателските избори во Америка. Заедно со него е избрана и Камала Харис, првата жена потпретседател на САД.
Откако пристигнаа резултатите од Пенсилванија, која носи 20 избирачки гласови, медиумите го прогласија демократскиот кандидат за победник.
Бајден вчера го сврте резултатот во две клучни држави. Тој го стори тоа најпрво во Џорџија, а потоа и во Пенсилванија, што е уште позначајно затоа што оваа сојузна држава носи дури 20 избирачки гласови.
Тековниот вкупен резултат на избирачките (електорски) гласови е: Бајден – 284 (од потребни 270), Трамп – 214 (според статистиките на агенцијата „Асошиејтед Прес“). По веста за победата, Бајден, се огласи на Твитер.
– Америко, чест ми е што ме избравте да ја водам нашата земја. Работата пред нас е тешка, но ви го ветувам ова: Јас ќе бидам претседател на сите Американци, без разлика дали гласавте за мене или не. Ќе ја задржам довербата што сега ми ја дадовте – напиша Бајден во својата прва изјава по веста дека тој е новиот, 46. претседател на САД.
America, I’m honored that you have chosen me to lead our great country.
The work ahead of us will be hard, but I promise you this: I will be a President for all Americans — whether you voted for me or not.
I will keep the faith that you have placed in me. pic.twitter.com/moA9qhmjn8
— Joe Biden (@JoeBiden) November 7, 2020
Соочен со изборен пораз, американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот во Белата куќа изврши невиден напад врз избирачкиот процес, обвинувајќи ги демократите, медиумите и финансиерите за кражба на неговиот, како што рече, глатко и убедливо освоен втор мандат.
– Ако ги сметате само легалните гласови, јас глатко победив – им рече Трамп на новинарите кои немаа можност да поставуваат прашања.