Грчката полиција на северот на земјата разби криминална група која продавала бебиња, додавајќи дека станува збор за една од најорганизираните групи во Европа. Полиција информираше дека 12 лица се уапсени, а 66 се обвинети.
Шефот на единицата за злосторства во Солун, Антонис Цицис, вели дека станува збор за една од „најголемите и најдобро организираните“ групи во Европа. Според него, полицијата влегла во траг на најмалку 22 случаи на продажба на бебиња, 24 случаи на продажба на јајце клетки и 10 случаи на плаќања на сурогат мајки меѓу 2016 и 2019 година.
Цицис наведува дека оваа криминална група „заработила“ најмалку половина милион евра.
Криминалната група, наводно, била предводена од грчки адвокат и од акушер. Тие регрутирале сиромашни бремени жени во Бугарија и им плаќале до 5.000 евра за да ги продадат нивните бебиња на грчки парови без деца, пренесува АП.