Во рамките на создавањето на нови односи на политичката сцена на Балканот, за кој се води битка помеѓу Истокот и Западот, значајно место на преговарачката маса имаат Албанците, пишува српска „Политика“. Нивното влијание е особено изразено во Македонија, каде што со премиерот Зоран Заев прифатија заеднички кандидат за претседател во Стево Пендаровски. Неговиот главен конкурент ќе биде Гордана Силјановска-Давкова, која ја поддржува ВМРО-ДПМНЕ.
Пендаровски моментно ја извршува функцијата на национален координатор за подготовка за членството во НАТО, во кабинетот на Заев. Тој беше и советник за национална безбедност во кабинетите на поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Борис Трајковски. Пендаровски формално не припаѓа на ниту една партија, но наклонет е кон левицата.
Во игра за кандидатура на владејачката коалиција беа и министрите за надворешни и внатрешни работи, како и министерката за одбрана – Оливер Спасовски, Никола Димитров, односно Радмила Шекеринска. Но, изборот безмалку едногласно падна на Пендаровски. За него, со понекој исклучок, се определија делегатите на конгресот на СДСМ и членовите на централниот одбор на ДУИ.
– Прашањето зошто заедничкиот кандидат, и тоа Македонец, беше предмет на разни анализи на македонските медиуми, како и на расправите во дипломатските кругови. Се шепоти оти Албанците морале да се согласат на ваква отстапка, бидејќи, како што неофицијално се дознава, учествувале во бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му е одредено служење на затворска казна. Втор битен момент кој можел да влијае на ваквата одлука беше фијаското на власта на референдумот за Преспанскиот договор, по што не е исклучена можноста опозицијата да победи на изборите – се наведува во анализата на „Политика“.
Албанците меѓу нивните причини за оваа кандидатура истакнуваат дека не им е потребен претседател како Ѓорге Иванов, сенка на Никола Груевски. На Иванов му истекува вториот мандат и тој веќе нема право да се кандидира.
Во образложението за ставот за тоа каков претседател ѝ е потребен на Македонија, Заев на конгресот истакна оти Пендаровски е кандидат што одговара на заедничките цели – за изградба на едно општество за сите, кое е просперитетно и европски. Заев особено нагласи дека Пендаровски добил поддршка од сите етнички заедници во Македонија, како и од 31-та партија во коалицијата на чие чело е СДСМ.
На таа партија некогаш ѝ припаѓаше и кандидатката на опозицијата. Силјановска-Давкова формално е независна кандидатка, но ја има поддршката на ВМРО-ДПМНЕ. Познато е дека таа не се согласува со Преспанскиот договор, како ни со Законот за јазиците. Токму тие несогласувања со политиката на актуелната власт ја зацврстија нејзината врска со ВМРО-ДПМНЕ која ја организира нејзината кампања.
Колку луѓе ќе се натпреваруваат за претседателската функција ќе биде познато за два дена колку што преостануваат за собирање на 10-те илјади потписи потребни за кандидатурата и за нејзино пријавување во ДИК. Доколку претседателот не биде избран во првиот круг, 5 мај е одреден како ден за вториот круг.
Одредени аналитичари во македонските медиуми изразија скепса кон тоа дали народот воопшто ќе излезе на изборите. На претпазливост во тој смисол опоменува искуството од референдумот за Преспанскиот договор, кога на гласачките места излегоа 37 отсто од граѓаните.