Нема информации зошто пилотот летал над Солунска Глава, а истрагата ќе покаже дали влегол во сериозни турбуленции и какви биле временските услови, кажа Зоран Илиевски, претседателот на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, на денешната прес-конференција во Владата, по повод авионската несреќа што пред два дена се случи кај Солунска глава, и во која загина четиричлено семејство од Бугарија.
– Пилотот најавил дека влегол во силна турбуленција, но истрагата ќе покаже дали е тоа точно. Досега не сум сретнал некој да побара дозвола за слетување поради лоши временски услови, а да не ја добие. Пилотот упатил барање за слетување и потоа го откажал. Ова е мое сознание, за кое ќе се види дали е точно, откако ќе бидат преслушани аудио-материјалите. Одговорите на прашањата за временските услови ќе бидат дадени во извештајот, по добивање на информации од надлежните институции. Пилотот самиот го прави планот на летање, нема информации зошто летал над Солунска Глава. Треба да истражиме многу работи за да дојдеме до одреден заклучок и да продолжиме понатаму – истакна Илиевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Допрва треба да се анализираат сите факти со цел да се дојде до одговори во истрагата.
– На лице место направивме снимки со професионален дрон, што е важно за понатамошната истрага. Донесoв одлука за формирање на комисија за истражување на несреќата. Во вакви случаи се ангажираат меѓународни експерти од областа на цивилното воздухопловство, а доколку има потреба се обраќаме до агенции и центри за истрага од другите држави. Од минатата година, воспоставивме сериозна соработка со Центарот за истраги на авионски катастрофи на Бугарија и сме пред потпишување на меморандум за соработка. Вчера и денес бевме во комуникација со нив. Тие одредија двајца истражители кои ќе ни бидат на располагање, кои можат да ја следат истрагата и според меѓународните легислативи. Ќе видиме дали ќе имаме потреба, но ќе соработуваме до крај и во секое време. Ја свикавме конференцијата бидејќи не сакавме истрагата да отиде во погрешна насока. Комитетот има две основни дејности. Првата е истрагата. Секогаш, целта е со голема веројатност да дојдеме до причината на несреќата. Втората е да правиме препораки по изведените заклучоци, за да не дојде до слични несреќи. Треба да ги анализираме сите факти. Увидот е завршен. Од примерокот на горивото што се праќа за анализа, па се до најситните делови. Остануваме отворени за соработка, за секогаш да ги спречиме шпекулациите кои не одат во прилог на сериозна, и пред се, вистинита истрага – истакна Илиевски. М.Ж.