Александар Виндман

Сведоштвото на одликуваниот ветеран Александар Виндман тешко може да се отфрли како пристрасен вербален напад

Економист

Ако за случајот за импичмент на претседателот Доналд Трамп беа потребни дополнителни цврсти докази, тогаш тие вчера испливаа на површина. Потполковникот Александар Виндман, висок експерт за Украина во Советот за национална безбедност (НСЦ), пред истражителите за импичментот изјави дека бил згрозен од постојаните барања на Трамп до украинскиот претседател Владимир Зеленски да отвори истрага против Џо Бајден, главниот кандидат на Демократите за претседателска номинација, па затоа дал изјава пред адвокат во НСЦ дури два пати.

Во својата изјава, која однапред беше објавена, потполковникот Виндман „смета дека една странска влада не треба да бара истрага за американски граѓанин и исто така бил загрижен за последиците по поддршката за Украина од американската влада“. Тој верува дека ако Украина навистина отворела истрага за Бајден и за украинската енергетска компанија „Буризма“, во чиј одбор бил синот на Бајден додека самиот Бајден бил потпретседател, „тоа најверојатно ќе се протолкувало како пристрасна игра која несомнено ќе резултира со тоа Украина да ја изгуби двостраната поддршка што дотогаш ја имала“.

Доверливото сведоштво на Виндман беше предадено во три комитети на Претставничкиот дом, поточно разузнавачкиот, за надворешни работи и за надзор и реформи, и покрај одлуката на Белата куќа да не соработува во истрагата за импичмент што минатиот месец ја започнаа Демократите. Постојат три причини зошто ова е важно.

Прво, потполковникот Виндман е првиот претставник од Белата куќа што сведочел дека го слушал разговорот помеѓу претседателите Трамп и Зеленски на 25 јули. Потполковникот е барем четвртата личност која посочува дека Трамп му понудил на Зеленски услуга за возврат. Минатиот месец, исказот на еден свиркач за тој разговор, ги натера Демократите да отворат истрага. Потоа следеа сведоштвата на актуелниот американски амбасадор во Украина, Вилијам Тејлор, американскиот амбасадор во ЕУ, Гордон Сондленд, и неразумниот исказ на Мик Мулвејни, шефот на кабинетот во Белата куќа, кој подоцна сакаше да го повлече. Поради тоа што потполковникот Виндман го слушнал разговорот и ја потврдил точноста на клучниот параграф од грубиот препис објавен во септември, неговото сведоштво е досега најиздржано.

Второ, потполковникот досега даде најцврсти докази дека постоел добро организиран план за да се наруши угледот на Бајден со отворањето на истрагата во Украина. Потполковникот им рекол на истражителите дека за време на состанокот со украинските претставници, од 10 јули, Сондленд „почнал да зборува дека Украина започнала одредени истраги за да гарантира состанок со претседателот“. Во тој момент, како што се сеќава Виндман, тогашниот советник за национална безбедност Џон Болтон „го прекинал состанокот“.

Нешто подоцна кога Сондленд „ја нагласил важноста Украина да ги достави истрагите од изборите од 2016 година, од Бајденови и „Буризма“, потполковникот му рекол на Сондленд дека „неговите изјави биле несоодветни, дека барањето за истрага за Бајден и неговиот син нема никаква врска со националната безбедност и дека НСЦ не се вмешувал во, или се залагал за такви истраги“.

Ова го поткрепува сведоштвото од Фиона Хил, поранешната советничка за Русија на Трамп, која му бил претпоставена на Виндман. На почетокот од овој месец, таа сведочела дека на 10 јули била алармирана, кога Сондленд ја споменал истрагата за Бајден. Актуелниот амбасадор Тејлор исто така сведочеше дека Сондленд во доверба истакнал оти Трамп барал од Украина да ја објави во јавност истрагата за Бајденови.
Сведочењето на Виндман не изгледа добро за Сондленд затоа што е контрадикторно. На почетокот од овој месец, Сондленд изјавил пред истражителите дека не се сеќава оти разговарал за Бајденови и дека никој не изразил загриженост за постапките на Трамп. Покрај тоа, можеби потполковникот како посебен сведок дава тежина на неговата изјава, која може сериозно да му наштети на претседателот. Виндман, кој е роден во денешна Украина, е воен ветеран одликуван со повеќе ордени и тоа со воениот медал пурпурно срце, откако бил повреден во експлозија на импровизирана бомба во Ирак. На почетокот во изјавата, тој себеси се нарекува патриот чија „света должност и чест се да ја брани и чува татковината без оглед на партијата и на политиката“.

Ако потполковникот Виндман јавно сведочи, тогаш Американците можеби нема да му ја отфрлат изјавата и да го окарактеризираат за пристрасен, како што тоа би го сторил Трамп. Претставничкиот дом утре ќе гласа за резолуција за „потврда“ на истрагата за импичмент со која ќе се одредат процедурите за започнување на јавни сослушувања. Поддржувачите на Трамп сфаќаат каква штета може да нанесе изјавата на Виндман. Коментаторите на Фокс њуз веќе го нарекоа украински шпион. Во меѓувреме, Трамп го нападна потполковникот дека „никогаш не бил на негова страна“.

Превод: Билјана Здравковска