ЕУ не треба да дозволи добрата балканска криза да остане неискористена

Фото: Дарко Андоновски

Со блокадата на преговорите за влез во Унијата, на Европа ѝ треба нов пристап во регионот

Политико

Автор: Флоријан Бибер

Фамозното „не“ на францускиот претседател Емануел Макрон за почеток на преговорите за влез во ЕУ со Албанија и со Северна Македонија ја уби главната стратегија на ЕУ за трансформација на регионот. Не само што членството во ЕУ стана подалечно за двете балкански земји, туку исто така ги задуши надежите на другите во регионот. Но ова не значи дека е лошо. Според своевремената изјава на Винстон Черчил (адаптирана за денешни услови), ЕУ не треба да дозволи „добрата криза да остане неискористена“.

Постојат многу причини за несогласување со ставот на Франција за блокирање на преговорите за влез во Унијата. Криза претставува самиот факт што земјите-членки, како Франција, не можат да се согласат со ставот на ЕУ, која на почетокот од оваа година соопшти дека Северна Македонија и Албанија ги исполнуваат критериумите за почеток на преговорите. Ова им покажува на симпатизерите на ЕУ дека владите не веруваат во одлуките на Комисијата, поради што процесот изгледа непредвидлив и сложен.

Сепак, Макрон е во право за неговата дијагноза дека на процесот му требаат промени. Тоа не значи дека ЕУ, која не може да го придвижи процесот додека не се постигне едногласност, треба да се откаже од Балканот. Ова значи дека таа на овој застој треба да гледа како на шанса за преиспитување на нејзината врска со регионот.

За ЕУ ова би можело да биде момент кога конечно ќе се фокусира на развивање на подобри алатки за справување со автократите во регионот, кои немаат намера да се откажат од нивната неофицијална контрола над државните институции. Комисијата лани во ова препозна проблем, но не беше воопшто самоуверена во своите обиди да реагира, и реши да го усложни и отежни процесот за проширување, и да го игнорира решавањето на проблемот.

Франција сака да го реформира начинот на кој ЕУ им пристапува на преговорите за влез. Мали се шансите ова да се оствари со оглед на тоа што Париз никогаш не презеде иницијатива за да даде предлози. Затоа сега е момент за ЕУ да преземе иницијатива. Сегашниот застој исто така треба да се сфати како предупредување. ЕУ треба да развие нова надворешна политика во регионот што нема да се фокусира само на процесот за членство по цена на добрата дипломатија.

Пристапот на блокот за Западен Балкан многу долго се потпираше на стратегијата со старт на преговорите како главна награда, а понекогаш и единствена иницијатива за решавање на отворените спорови. Таков е примерот со Косово и Србија каде дијалогот со Брисел беше поттикнат од ветувањето, дека ако двете држави ги нормализираат односите, ќе се отвори нивниот пат кон членство во ЕУ. Ова веќе одамна не функционира затоа што беше нарушено од преговорите за промена на границите и неизвесноста дали петте членки на ЕУ, кои не го признаваат Косово, некогаш ќе го променат ставот.

Шансите за влез во ЕУ беа моќна иницијатива за некои, но истовремено го одвлекуваа вниманието од самиот проблем. Надворешната политика на ЕУ пречесто се потпираше на ветувањето за членство како лек за сè, наместо да се инвестира во интензивна медијација.

ЕУ и Западен Балкан треба да изнајдат нови начини за да соработуваат. Шесте држави од регионот треба да најдат специфични политички полиња во кои тие би можеле да се интегрираат во ЕУ без формално да пристапат во блокот. За возврат, ЕУ би можела да ги поддржи овие напори со експертиза и ресурси, вклучувајќи проекти поврзани со животната средина или инфраструктурата.

На тој начин, дури ако членството изгледа многу подалечно отколку што многумина се надеваа, регионот веќе ќе беше поблиску до ЕУ. Државите би можеле, дури и сега да не изгледа реално, во иднина да станат дел од Шенген-зоната или Европската економска зона. Така на крајот, членството во ЕУ би станало полесно и побрзо, затоа што на тој начин постепено би се интегрирале во европските структури.

Последниот застој во процесот за Албанија и за Северна Македонија исто така би можел да биде вредна лекција за реформаторите во регионот, кои долго време се потпираа на надворешната поддршка. Сега пораката за Брисел е јасна: препуштени сте сами на себе.

Можеби е болно и дефинитивно не е пораката на која се надеваа, но може да ги натера оние што сакаат да го подобрат начинот на раководење на нивната држава да преземат мерки, наместо да бараат надворешна помош која нема да ја добијат.

За едно општество кое навистина сака да се трансформира во консолидирана демократијата која ќе се темели на владеењето на правото, промената мора да се случи одвнатре. Во најдобра рака, ЕУ може да понуди модел и иницијатива за да се преземат неопходните чекори, но не може да ја заврши работата.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и останатите во регионот презедоа теоретски чекори кон ЕУ додека во пракса ги поткопуваа демократските институции и независните медиуми. Ваквата траекторија повеќе не е во најдобар интерес на сите.

Проширувањето на ЕУ отсекогаш важело за алатка за трансформирање на државите, со тоа што самото членство е еден вид разочарувачки крај кога станува реалност. ЕУ треба да се преиспита како најдобро да ги постигне своите цели во регионот, а тоа е поддршка на вистинска, трајна и целосна политичка трансформација.

Превод: Билјана Здравковска