Европските лидери синоќа го прекинаа работниот состанок во Брисел, за повторно да извршат консултации со претседавачот, Доналд Туск.
Работната вечера на ЕУ лидерите почна со три часа доцнење, а состанокот бил суспендиран за помалку од два часа поради потребата од нови консултации и несогласување на лидерите околу предлозите за избор на новиот претседател на Европската Комисија.
– Состанокот на Европскиот Совет ќе продолжи кога ќе завршат консултациите – порача портпаролот на ЕУ, Пребен Ааман.
За време на работната вечера до медиумите пристигнаа информации дека на ЕУ лидерите им било оневозможено користење на мобилни телефони за да не дојде до протекување на информации за преговорите кои се водат околу номинациите за лидерите на челните позиции на ЕУ.
Истовремено, објавено беше менито од вечерата на кое се најдоа супа од грашок и печени ракчиња, филет со пире, како и црно чоколадо со сладолед за десерт.
Светските агенциите пренесуваат дека се очекува состанокот да продолжи денеска.
Претседателот на Европскиот парламент во заминување, Антонијо Тајани најави дека без оглед на исходот од синоќешниот самит, Европскиот Парламент на 3 јули ќе го избере својот претседател. Тој нагласи дека изборот на претседателот на Европскиот Парламент е исклучиво во рацете на Парламентот и е целосно независен од одлуката на Европскиот Совет и земјите членки на Унијата.