Собранието на Република Македонија ја започна 61. седница на која на дневен ред e Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоки за негово изменување и дополнување поднесен од Владата.
Во салата се пратениците од сите пратенички групи, а се очекува предлогот да го образложи премиерот Зоран Заев. На седницара присуствува и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Пред седницата координација во седиштето на партијата одржаа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во предлогот за измени на Уставот, кој Владата го утврди и соопшти во понеделникот, се предлага: Во целиот текст на Уставот пред Република Македонија се додава придавката северна; Измени во Преамбулата на Уставот со именување конкретни документи на АСНОМ заради усогласување со Договорот со Грција; Поцврста гаранција за трајноста на границите и дека Република Македонија нема територијални претензии и грижа за Македонците и дијаспората во странство што ќе значи дека Републиката ќе се грижи за културните, економските и социјалните права на нејзините припадници во странство без да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Од тоа дали ќе бидат обезбедени две третини за поддршка за измени на Уставот, ќе зависи и дали претстојат нови предвремени парламентарни избори, кои би се организирале со скратени рокови.