Ефективната имплементација на Договорот за добрососедство треба да биде дел од Преговарачката рамка за Mакедонија, Скопје да ги повлече малцинските претензии кон Бугарија, да се рехабилитираат жртвите на југословенскиот комунизам и да се адаптираат учебниците за да ја одразуваат заедничката историја, се барањата од Софија до македонските власти а ги објави бугарското МНР за „БГНЕС“.
– Бугарија беше принудена да ја одложи поддршката за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ на состанокот на Советот за општи работи – се вели во соопштението на бугарското министерство за надворешни работи.
Таму се наведени и петте точки од разговорите меѓу македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев со бугарскиот државен врв на 17 јуни годинава. Според бугарското МНР првата точка од договореното е македонската делегација да потврди пред ОН дека краткото и долгото име на земјата се однесуваат само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“, а не на географскиот регион „Северна Македонија“, чиј дел се наоѓа во рамките на суверените граници на Бугарија.
– Република Северна Македонија конечно да ги повлече своите малцински побарувања кон Бугарија, потврдувајќи дека не постојат историски, етнички и други основи за барање статус на малцинство за која било група на луѓе кои не се нејзини државјани на територијата на Република Бугарија. Република Северна Македонија да започне процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани на нејзината територија поради нивната бугарска самосвест. Овој историски гест од страна на Република Северна Македонија во пракса би го одразувал нашиот заеднички европски цивилизациски избор – се вели во соопштението.
Се додава уште и дека бугарската страна продолжува да се држи до сигурни гаранции дека фундаментални интереси нема да бидат нарушени.
– Мора да се запре практиката на газење на правата на луѓето со бугарски идентитет во Македонија. Ние се држиме до неповратноста во целосната и ефективна имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година – пишува во соопштението.
Следи и точката според која Македонија треба да ја прилагоди со Бугарија содржината на наставните програми, со цел, како што се вели во соопштението, објективно да се рефлектира заедничката историја заради елиминирање на образовната содржина која, како што е напишано во соопштението, влева омраза кон Бугарија.
Следна точка е отстранување на таблите и натписите на територијата на Македонија кои шират омраза кон Бугарија и Бугарите, се наведува од МНР на Бугарија.
Во соопштението се истакнува дека министерот за надворешни работи Светлан Стоев испратил писмо до неговиот колега министерот Бујар Османи, во кое изразил очекување за исполнување на преземените обврски.
Софија ја потврдува својата желба да продолжи со истражувачки консултации и сите други потребни форми на билатерални преговори со Скопје. Се приближуваме конструктивно и со добра волја, но очекуваме Македонија да продолжи со практично спроведување на преземените обврски на високо ниво. Нивната точна и непосредна примена ќе биде тест за искреност и добра волја. Ова ќе ни овозможи да се движиме во навистина позитивна насока, стои во соопштението на бугарското МНР.