Бебето кое синоќа е најдено во парк во Топанско поле е во добра општа состојба и е згрижено на Детска клиника, информираше директорката, Катерина Ставриќ.
Според нејзиниот исказ бебето е родено вчера и веднаш по раѓањето, голо е оставено во тревата, а случаен минувач го слушнал плачот на новороденчето и пријавил во полиција.
Од Клиниката за детски болести велат дека, иако бебето било оставено во несоодветни услови, сега е во добра општа состојба.
– По папочната врвца и состојбата може да се заклучи дека бебето е родено вчера. Донесено беше голо, но веднаш ставено во инкубатор да се загрее. Дадена е соодветна терапија и засега е во добра состојба – вели директорка на Детска клиника, Ставриќ.
Оттаму велат дека ваков случај, штотуку родено бебе да биде оставено на улица, немале.
МВР работи на откривање на идентитетот на мајката.