Пожарите се шират со голема брзина, а имаме сознанија дека некои намерно се запалени, изјави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
– Пожарите се шират со голема брзина. Дури се чудиме некаде како пожарите се шират и се појавуваат. Има одредени сознанија за намерно палење, необјасниви се причините за некои пожари – рече Ангелов и додаде дека полицијата работи на случајот.
Што се однесува до апелите за ангажирање на хеликоптерите во гаснење на пожарите и критиките во јавноста дека тие недоволно се користат, Ангелов вели дека никаде во Европа хеликоптерите не гаснат пожари навечер.
– Хеликоптерите имаат лимит, не само нашите, и српските, и француските и американските. Никаде во Европа не постои хеликоптер кој гасне ноќно време, ова е проверена информација. На хеликоптерите не можеме да сметаме откако ќе се намали дневната светлина, тие мора да се вратат во база. Со нив управуваат луѓе чии животи ни се важни – рече Ангелов.
Исто така, тој повтори дека на температура над 37 степени не е безбедно летање со хеликоптери.
– Паничното барање хеликоптери од стручни лица во наводници создава само паника. Верувајте преземаме сѐ што би презел секој ваков центар – рече Ангелов.