Врховниот суд на САД, во кој доминираат судии со конзервативни сфаќања, вчера обезбеди важна победа за администрацијата на Трамп, ограничувајќи ја моќта на судиите на национално ниво да ги блокираат одлуките на извршната власт што ги сметаат за нелегални.
Со шест гласа на конзервативците наспроти три гласови на прогресивните, највисоката американска судска инстанца заклучи дека одлуките од национално значење донесени од федералните судии „веројатно ги надминуваат овластувањата што Конгресот им ги дал на федералните судови“.
-Кога судот заклучува дека извршната власт постапила нелегално, одговорот на тој суд не може да биде таков што ги надминува и нејзините овластувања, напиша конзервативната судијка Ејми Кони Барет во образложението на одлуката.
Судот не пресуди за уставноста на извршната наредба на претседателот Доналд Трамп во врска со правото на американско државјанство по раѓање на американска територија, што е во срцето на овој спор.
Во прашање е суспендирањето на тој претседателски декрет, што беше прогласен за неуставен од сите судови и федерални апелациски судови во тој случај.
Администрацијата на Трамп не побара од Врховниот суд да ја укине суспензијата на наредбата во оваа фаза, туку да го ограничи нејзиниот досег само на луѓе кои се обратиле до судството.
На самиот почеток од својот мандат, Трамп го потпиша тој декрет за правото на американско државјанство, еден од најкритикуваните во неговиот нов мандат, со цел да се потисне нелегалната имиграција.
Декретот се однесува на автоматското право на американско државјанство на децата родени во САД, загарантирано со 14-тиот амандман на Уставот, што е во сила повеќе од 150 години.
Декретот ѝ забранува на федералната влада да издава пасоши, уверенија за државјанство и други документи на деца чии мајки се во САД нелегално или привремено и чии татковци не се државјани на САД или постојани жители на земјата, односно немаат зелена карта.
Четиринаесеттиот амандман беше усвоен во 1868 година по американската граѓанска војна и укинувањето на ропството за да се гарантираат правата на ослободените робови и нивните потомци.
Последователните американски администрации, и републикански и демократски, честопати изразуваа фрустрација од тие генерални суспензии што му дозволија на еден федерален судија да ги блокира нивните политики за прашања од национално значење, како што се абортусот, имиграцијата или студентските кредити.
Одлуката на Врховниот суд ќе има големи последици за сите дејствија против администрацијата на Трамп, како и за администрациите на неговите наследници.