Фото: Принтскрин

Преговорите за членство во ЕУ не треба да бидат окупирани од земјите членки за решавање на билатерални прашања. Голем дел од мојата работа, за жал, ќе биде да ја убедам Бугарија да го крене ветото и да го ослободи патот за почеток на преговори на земјава, вели Томас Вајц известувачот за Македонија во Европскиот парламент.

– Мислам дека е многу очигледно оти билатералните прашања треба да се дискутираат меѓу различните држави, а не да имаат одлучувачко влијание врз преговарачкиот процес. Да, за членство, треба да имате добри соседски односи на самата точка на пристапување, но процесот на преговори не треба да биде окупиран од земјите членки за решавање на билатерални прашања. Голем дел од мојата работа, за жал, ќе биде да ја убедам Бугарија да го крене ветото и да го ослободи патот за почеток на преговори – рече вчера Вајц во интервју за Агенда 35 на националниот сервис.

Прашан дали гледа можност тоа навистина да се случи имајќи ја предвид позицијата што ја има Софија, тој одговара потврдно и додава дека по изборот на новата влада гледа разумни гласови во Бугарија.

– Да, јас инаку не би бил мотивиран да најдам начини да го одврзам јазолот, би бил погрешна личност за оваа позиција. Веќе знам, од многу разговори со бугарските членови, дека многу бугарски политичари всушност разбираат дека вистинското прашање е за добри соседски односи, воспоставување на добра економска соработка, соработка во транспортот, безбедноста, но исто така и културната соработка. Ситуацијата во Бугарија се уште е вжештена, тие имаа седум избори за три години, постојана изборна кампања, но сега се надевам дека имаме Влада што ќе може да служи дури и цел мандат, па се надевам дека има шанса да се вратиме на разум и на фактичката реалност дека всушност двете земји и сите земји профитираат од добри односи и дека тоа е за потребите на граѓаните, а тие не се за идентична интерпретација на историјата, туку за работни места, за приход, инфраструктура, функционални институции, за добри соседски односи и ова треба да го испорачаме. Гледам разумни гласови во Бугарија што се подготвени да го застапуваат тоа – дециден е европратеникот Вајц.

Тој смета дека се потребни јасни изјави од ЕК, Советот на ЕУ и од Владата во Софија како гаранции што земјава ги бара дека по усвојување на уставните амандмани нема да има нови непринципиелни вета од Бугарија.

-Факт е дека билатералните прашања меѓу Бугарија и Македонија се еднаков дел од преговарачкиот процес. Ни требаат јасни изјави од Европската комисија и од Советот и ќе ни треба изјава и од бугарската Влада дека со вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот билатералните прашања што треба да се решаваат низ преговарачкиот процес се исполнети и дека нема да има веќе дополнителни барања ставени на масата, а поврзани со преговарачкиот процес. Кога се работи за соседски прашања, ова е долг процес, јас сум австриски државјанин и ни требаа 50 години за да дојдеме до заедничко разбирање, за нашата заедничка историја. Јас сум на пример од Штаерска, од австрискиот дел на Штирија и ни требаа децении да дојдеме до заедничко разбирање. Сите имаме историја заедно, понекогаш многу болна историја заедно, треба да му го дадеме на тој процес времето што си го бара – посочува Вајц.

Европратникот и известувач за земјава смета дека приказната за интеграција на државава во ЕУ е успешна, но е засенета кога станува збор за вистинско членство, а во тоа самокритично грешка гледа и на страната на Брисел.

-Мое лично мислење е дека ние, за жал, воведовме една грешка во процесот, а тоа е поврзано со консензусот потребен на секој можен чекор, што не може да се најде меѓу разумните аргументи. Да, потребен е консензус за почеток на преговорите и консензус на крајот, но и за меѓучекорите. И ова се 150 одлуки секоја година на Советот и ова го преоптоварува нашиот капацитет да најдеме компромиси меѓу нас. Затоа мислам дека и ние, внатре во ЕУ, треба да мислиме на некакви реформи во процесот на пристапување – вели Вајц.

Тој посочува јасно е дека има некое назадување кога станува збор за реформите во земјата, и оти треба да се работи на реформската агенда и на Планот за раст ако земјата сака да ги добие определените средства од близу 800 милиони евра.

– Ако доцнењето со тие реформи е повеќе од година, тие пари ќе бидат изгубени за земјата и ќе биде тешко за која било влада да им објасни на граѓаните зошто не ги испорачале реформите што ги ветиле и зошто земјата ја губи таа значајна помош од ЕУ – вели Вајц и посочува дека тоа се однесува на пополнување на позициите во судството и негова независност од политичко влијание и на изборното законодавство.