Уште на петнаесетгодишна возраст почнале да го изучуваат ткаењето на разбој од бабата на Дамјан, Благица Ристовска. Разбоите што се користат денес во суштина се слични на оние од пред илјада години, а многу од денешните ткаенини се направени во структури стари илјадници години
Дамјан Ристовски е студент на катедрата по етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а неговата другарка Сара Јакимовска е студентка на Медицинскиот факултет во Скопје, на отсекот на физиотерапевти. Нитката што ги поврзува овие дваесет и тригодишници, освен заеднички поминатото детство, е и љубовта за негувањето на ткајачката традиција. Уште на петнаесетгодишна возраст почнале да го изучуваат ткаењето на разбој од бабата на Дамјан, Благица Ристовска. Другарството, сплотеноста, меѓусебната поддршка и заедничката љубов за негување и пренесување на македонскиот фолклор и традиција Дамјан и Сара ја обединуваат преку мал и иновативен бизнис модел, отворајќи ја продавницата „Народни носии“ во строгиот центар на Скопје, односно кај местото популарно наречено „кај Рекорд“.
Основа, јаток и подадена рака
Дамјан фолклорот го негува уште од мали нозе преку членувањето во АНИМ „Орце Николов“, а потоа и во „Студио Фолклор“.
-Баба ми имаше носија, наследена од нејзината мајка и гледајќи ги елементите на носијата уште како мало дете, во мене се роди желбата повеќе да дознаам за тоа како се облекувале луѓето во минатото. Некако природно дојде да се занимавам со фолклор и со народни носии – раскажува Дамјан.
Во благородната мисија за зачувување на фолклорот и традицијата му се придружува и другарката од детството, идната физиотерапевтка Сара.
-Со Дамјан, на петнаесет години зачекоривме во светот на ткаењето, благодарение на неговата баба која ни ги покажа техниките. Оваа работа стана наша заедничка страст, а со текот на времето сфативме дека сакаме да направиме нешто повеќе од само занаетчиство, сакаме да ја зачуваме традицијата, да ја пренесеме на следните генерации и да покажеме дека фолклорот е дел од нашиот идентитет – објаснува Сара.
Таа додаде дека нивната работа е плод на поддршката во заедничката визија во нешто што не е само работа туку мисија во која веруваат со целото срце.
Инаку, ткаењето претставува процес на изработка на ткаенини со преплетување на два жичени системи. Едниот систем на жици се протега по должината на ткаенината и се нарекува основа, а другиот по ширината на ткаенината се нарекува јаток. Фрагменти од најрано изработени ткаенини, археолозите ги процениле како стари повеќе од 10.000 години, т.е. дека датираат од неолитот и се пронајдени во Езерската област во Швајцарија.
Ткаењето бара трпение и посветеност
Според Дамјан, секоја народна носија во Македонија има свој специфичен белег и се разликува од другите. Скоро во секоја македонска народна носија застапени се основните делови како кошула, елек, појас, скутина, чорапи и опинци.
-Сите други делови зависат од регион до регион. На Балканот скоро сите носии се слични, сите се изработени од природни матријали од памук, волна, коноп, лен и секако накитите од сребро и монистра кои даваат побогат изглед на носијата – објаснува Дамјан.
Разбоите што се користат денес во суштина се слични на оние од пред илјада години, а многу од денешните ткаенини се направени во структури стари илјадници години. Постои верување дека женските прсти се понежни и попрецизни, но Сара вели дека тоа не е најважно во работата.
-Дамјан и јас учевме заедно, и од првиот момент сфативме дека ткаењето бара многу повеќе од само вешти раце. Бара трпение и вистинска посветеност. Не би рекла дека некој од нас е повешт, секој има свој начин на работа, своја техника. Разбојот е комплексна алатка, но кога ќе го почувствуваш неговиот ритам, станува дел од тебе. Иако бара и сила и концентрација, за нас ткаењето е како разговор секој потег остава свој печат – ракажува Сара.
Разговорот со разбојот може да го слушнете и вие
Тој нивни разговор со разбојот денес можат да го посведочат сите љубители на шаренилото на македонскиот фолклор, благодарение на нивната продавница отворена со од нив со поддршка на Агенцијата за вработување, а која се наоѓа во центарот на Скопје, веднаш до Театарот за деца и младинци. Во нивната продавничка што наликува на мал музеј, освен народни носии и елементи, можат да се најдат и монистрени колани, ќостеци и алки исто така нивни рачни изработки, а вршат и откуп и реставрирање на народни носии. Интересот за нивните производи е голем, особено од фолклорните друштва, но и од поединци.
Во дуќанот „Народни носии“ кој работи секој ден освен недела, од 10 до 18 часот освен да купат производи, посетителите можат и многу да научат за македонските носии, но да ги научат и вештините за ткаењето.
– Секој посетител може да праша сѐ она што го интересира во врска со ткаењето и со носиите, а ние сме тука да објасниме. Во моментов кај нас доаѓа една госпоѓа која изрази желба да научи да ткае и сега се обучува кај нас, доаѓајќи на часови по ткаење – вели Дамјан.
За седум до осум часа, зависно од личноста која сака да учи да ткае, може да се научат основите на ткаењето.
– Се почнува со запознавање на разбојот од кои делови е составен, па потоа подготовка за сновање, па сновање, воведување во нити и брдо и врзување на предно кросно и почнува да се ткае. Најчесто се користи памучна основа, а волнен јаток – ни раскажа Сара.
Недостигаат разбои и волна
Вредните ткајачи Сара и Дамјан, се соочуваат со потешкотии во однос на набавката на материјали за изработка на носиите, но и набавката на разбои. Материјалите, односно волната ја набавуваат од соседна Србија, а со оглед на нефункционалноста на најголем дел од разбоите кои се наоѓаат во старите македонски куќи, еден од разбоите кои го користат исто така е набавен од Србија.
За само еден дел од носијата, во Македонија постојат десетина различни зборови, па така скутината, може да биде фута, утаре, унечка, кошулaта, може да биде кошуља, риза… Сара и Дамјан се фасцинирани од сето богатство на македонскиот фолклор, во кое секојдневно сѐ подлабоко нурнуваат истражувајќи и создавајќи нови уникатни народни носии и нивни елементи. Тие упатуваат на фактот дека недоволно се грижиме за фолклорот.
– Сметаме дека не доволно се грижиме за нашиот фолклор посебно за народните носии сепак тие си бараат посебни услови посебно внимание и кога се пренесува носијата од поколение на поколение таа треба да се чува во соодветни услови не само да се земе и да се стави некаде и толку. Тогаш, зошто ја имаме, ако не ја чуваме соодветно?!-порачуваат Дамјан и Сара.
Благодарение на нив, разбојот во Македонија нема да биде спомнуван само по монументалното книжевно дело „Разбој“ на Владо Малески, ниту само по истоимениот музички албум на Драган Даутовски, туку ќе продолжи да „штрака“ и да ги ткае македонската сегашност и иднина.