Сезоната на празници знае да донесе и несакани гости – стрес и депресија. И не е ни чудо со толку готвење, шопинг, чистење, планирање патувања, организирање забави… И згора на тоа во време на пандемијата со коронавирусот.
Марија Миркуловска, психолог-консултант објаснува дека терминот празнична депресија опишува пад во општото расположение, кое се разликува од класичната клиничка депресија. Во екот на празниците, кај некои личности може да се манифестира зголемена тага, анксиозност, повлеченост, стрес кој сега се засилува и дополнително заради ковид-пандемијата.
-Празничната еуфорија нема ист ефект кај сите луѓе. За некои тоа е магичен момент за некои е најтажниот период од годината посебно за оние кои се осамени, кои живеат сами, кои изгубиле блиска личност, кои скоро прекинале емотивна врска, кои се одделени од семејството и сл. Новата ковид- ситуација, наметна и поголема осаменост и дистанца, кои дополнително ја засилуваат празничната тага и осаменост. Не е лесно да се навикнеме на новите начини на прослава, да се реорганизираат навиките и да се прилагодиме на новите околности – вели Миркуловска.
Експертите од реномираната американска непрофитна организација за клиничка пракса, едукација, истражување и лекување „Мајо клиник“ издвоиле неколку практични совети со кои може да се минимизира стресот и да се ужива во празниците повеќе отколку што мислиме дека можеме.
Кога стресот го достигнува врвот, тешко е да се запре и да се прегрупира. Затоа прво обидете се да ги спречите стресот и депресијата, особено ако празниците во минатото ви направиле емоционална штета.
1. Бидете свесни за вашите чувства
Ако некој ваш близок неодамна починал или не можете да бидете со саканите од други причини, сфатете дека е нормално да бидете тажни. Во ред е да одвоите време да плачете или да ги изразите своите чувства. Не можете да се натерате да бидете среќни само затоа што е сезона на празници.
2. Пронајдете друштво
Ако сте осамени и се чувствувате изолирано, побарајте друштво во некоја заедница или на јавен настан. Дружење или поддршка можете да најдете и на специјализирани веб-страници, онлајн групи за поддршка или на виртуелни настани. Може да помогне и разговар со пријател или член на семејството за вашите грижи, а волонтирањето и помагањето на другите, исто така, е добар начин да го подигнете вашиот дух и да си ги проширите пријателствата.
3. Бидете реални
Празниците не мора да бидат совршени или исти како порано. Како што семејствата се менуваат, често се менуваат и традициите и ритуалите. Изберете неколку од нив и создавајте нови. На пример, ако најблиските не можат да дојдат кај вас, споделувајте си меѓусебно фотографии, пораки, видеа или направете онлајн видео дружење.
4. Оставете ги разликите
Обидете се да ги прифатите членовите на семејството и пријателите какви што се, дури и ако не ги оправдаат сите ваши очекувања. И бидете разбрани ако другите се вознемируваат кога нешто тргне наопаку, бидејќи можеби и тие имаат празничен стрес и депресија.
5. Држете се до буџетот, не купувајте среќа со подароци
Пред да купувате подароци и храна, одлучете колку пари можете да си дозволите да потрошите. Не обидувајте се да купите среќа со купишта подароци. Можете да донирате подароци во хуманитарни цели, да направите домашни подароци, направете семејна размена на подароци…
6. Планирајте однапред
Одвојте одредени денови за шопинг, готвење, дружење со пријателите и други активности. Размислете за онлајн пазарење, планирајте го празничното мени и направете листа и така ќе спречите стресови во последен момент, поради, на пример, ако сте заборавиле нешто да купите.
7. Научете да кажувате НЕ
Ако кажете „да“ кога треба да кажете „не“, тоа може да ве направи огорчени и преоптоварени. Пријателите и колегите ќе разберат ако не можете да учествувате во секој проект или активност. Ако не е возможно да се каже „не“ кога вашиот шеф ќе побара од вас да работите прекувремено, обидете да тргнете нешто друго од вашата агенда за да го организирате времето.
8. Не заборавајте ги здравите навики
Не дозволувајте за празниците да функционирате под мото „Се е дозволено“. Прекумерното уживање само го зголемува стресот и чувството на вина. Обидете се да имате здрава ужина пред празничните оброци за да не претерате со слатки, солени јадења или пијалоци, јадете здрави оброци, наспијте се, бидете физички активни, обидете се со вежби за длабоко дишење, медитација или јога. И желбата за информираност може да предизвика непотребен стрес, па затоа читајте и гледајте вести колку што вам ви одговара.
9. Земете здив
Одвојте малку време за себе. Најдете активност во која уживате или направете пауза сами. Поминувањето само 15 минути сами, без одвлекување на вниманието, може да ве освежи доволно за да се справите со се што треба да направите. Најдете нешто што го намалува стресот така што ќе го расчистите умот, ќе го забавите дишењето и ќе ја вратите внатрешната смиреност. Тоа може да го направите со ноќно шетање, слушање смирувачка музика или читање книга.
10. Побарајте стручна помош ако ви е потребна
Колку и да се трудите, сепак може да се чувствувате постојано тажни или вознемирени, измачени од физички напор, неспособни да спиете, раздразливи и безнадежни и неспособни за рутинските задолженија. Ако овие чувства траат некое време, разговарајте со вашиот лекар или професионалец за ментално здравје.
Вие контролирајте ги празниците, не тие вас
Не дозволувајте празниците да станат нешто од кое се плашите. Наместо тоа, преземете чекори за да го спречите стресот и депресијата. Научете да го препознавате тоа што ве заморува и ви прави стрес, како што се финансиските притисоци или личните барања, за да можете да се борите со нив пред да доведат до пропаст. Со малку планирање и малку позитивно размислување, можете да најдете мир и радост за време на празниците.
Н.Б.З. – Т.Д.