Фото: Маја Јаневска Илиева

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, синоќа официјално го прогласи за отворен Младинскиот олимписки фестивал (ЕМОФ) 2025, истакнувајќи го значењето на спортот како симбол на единство, култура и надеж.

-Спортот ја манифестира убавата страна на сегашноста и ја гарантира светлата иднина на европскиот спорт –  порача претседателката Силјановска, нагласувајќи дека фестивалот е ретка можност за младите спортисти и гостите да се запознаат со македонската култура.

Според неа, игрите се „симбол на младост и витештво, генератор на заедништво и солидарност, креатор на европски културен и спортски дијалог“.

Таа изрази уверување дека нашата држава ќе се покаже како хуман и достоен домаќин, со страсна спортска публика и им посака успех на сите учесници.

-Продолжете да го развивате олимпискиот дух, да ширите добра волја и пријателство, да праќате пораки за мир – порача претседателката.

Дополнителен акцент на церемонијата даде и Спирос Капралос, претседател на Европските олимписки комитети, кој истакна дека оваа едиција ќе биде запомнета по својата топлина, енергија и дух.

-Следните седум дена, Скопје е вашата сцена каде што можете да стекнете пријателства – вие ја носите енергијата, страста и надежта за она што доаѓа – нагласи тој.

Со дефиле на 50 делегации, во Спортскиот центар „Јане Сандански“ вечерва започна Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025.

Свечената церемонија го означи почетокот на седумдневен спортски и културен спектакл кој ќе ги обедини младите спортисти од цела Европа во духот на фер-плеј, солидарност и пријателство.

ЕМОФ Скопје 2025 ќе вклучува натпревари во 15 спортски дисциплини: атлетика, пливање, кошарка, баскет 3×3, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо.

Натпреварите ќе се одржуваат на спортски објекти со меѓународен стандард во Скопје и Куманово, додека натпреварите во спортска гимнастика ќе се одржат во Осиек, Хрватска, во соработка со Европскиот и Хрватскиот олимписки комитет. Се очекува учество на повеќе од 4.000 млади спортисти, тренери, спортски официјални лица и тимски претставници, како и стотици новинари, волонтери и гости. Македонија годинава ќе биде претставена со рекорден број на спортисти кои ќе учествуваат во сите спортови.