Фото: Маја Јаневска Илиева

Поголем дел од Скопје денеска е без вода поради најавениот сложен оперативен план за санација на главниот цевковод. Надлежните уверуваат дека санацијата ќе заврши за најмногу 15 часа, а Институтот за јавно здравје излезе со препораки до граѓаните. Поради најавената санација, изминатите денови беше забележана зголемена продажба на вода по маркетите.

Според информациите од „Водовод и канализација“ без вода ќе бидат најголем дел од населбите низ градот. Вода ќе има само во Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарска до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско поле, Новоселски пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански двор, Волково и Орман.

За санирање на дефектот треба да биде запрена водата од главниот градски цевковод Ф-1600 мм, а покрај оваа локација, ќе бидат санирани уште три дефекти на затварачи по должината на главниот цевковод.

Од „Водовод и канализација“ вчера информираа дека е изготвен оперативен план со кој се предвидува прецизна постапка со цел брзо и ефикасно завршување на ваквиот потфат.

– Главна цел на овој Оперативен план е подобрување на водоснабдувањето и притисокот во Општина Ѓорче Петров и Карпош, со репарација на шест сегменти каде во изминати децении се нотирани огромни загуби вода. Со затварање на Главниот Градски цевковод Ф1600 мм поради санација на пет затварачи по должина на оваа линија на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булевар „Партизански одреди“ со ул. „Никола Парапунов“ ќе се изврши: Замена на нефункционален затварач Ф 400 мм на кружен тек во Ѓорче Петров, Репарација на затварач Ф600 мм на мост „Обединети нации“ кој тече, Заптивање на затварач Ф700мм на булевар „Партизански одреди“ кој протекува и замена на затварач Ф150 кој се наоѓа во истата шахта, Санација на затварач Ф700 мм и Ф500 мм на ул. „Никола Парапунов“ и Замена на 4 водушни вентили – информираа од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Од Институтот за јавно здравје издадоа препораки за граѓаните. Се препорачува складирање на вода најмалку четири литри вода по лице на ден, да се користат средства за дезинфекција на раце ако нема достапна вода, да се готват оброци кои не бараат многу вода за подготовка и миење…

На Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ и на ТОАРИЛУЦ непречено ќе се реализираат најитните интервенции. Директорите на двете установи во изјава за МИА информираа дека се преземени сите неопходни чекори за да нема застој кај итните интервенции.

– Најитните интервенции ќе се реализираат непречено. ТОАРИЛУЦ веќе направи план и организираше зголемен број медицински тимови кои ќе бидат ангажирани за време за викендов. Ги преземаме сите мерки за да продолжи континуитетот во работата, без притоа да има поголем застој во функционирањето – изјави директорката на ТОАРИЛУЦ Марија Срцева за МИА.

Проблеми во работата не очекува и директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, Небојша Настов. – Не очекуваме проблеми, ќе работиме со итни пациенти како и секој викенд. Работното време кај нас е 24/7, изјави Настов за МИА.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во вторникот во изјава за медиумите рече дека нема да има потреба од дотур на вода, затоа што санацијата на дефектот нема да трае повеќе од една редовна санација на кој било друг дефект во градот.

– Техничките лица на јавните скопски претпријатија се подготвени согласно планот да направат што е можно во пократок рок, така што за истото нема да има никаква потреба од дотур на вода, затоа што нема да трае ништо повеќе од една редовна санација на кој било дефект што го имаме во градот – рече Арсовска.

Најавената санација ги натера скопјани во изминатите денови да купуваат поголеми количини вода. Во дел од маркетите што ги посети МИА, рафтовите со вода, особено тубите над пет литри, се празнеа.

-Како што ги редиме, ги земаат – рече една од продавачките.

И угостителите обезбедуваа резерви, а некои од нив најавија дека би можеле и воопшто да не работат. Велат дека доколку прекинот со вода трае два – три дена или повеќе, тие ќе имаат големи штети.