Фото: ЕПА

Израелската војска соопшти дека Иран истрелал проектили врз Израел, додека сирените за воздушен напад се слушале низ целата земја, а на жителите им било наредено да се засолнат, јавуваат неколку меѓународни новински агенции.

-Од вас се бара да останете во заштитено подрачје до понатамошно известување – се вели во соопштението на војската.

Се додава дека експлозиите што се слушаат низ целата земја се пресретнати или удари.

Израелската армија соопшти дека воздушниот простор на Израел е затворен по иранскиот напад. Радиото на израелската армија соопшти дека речиси 200 проектили биле лансирани во Израел од Иран.

Ројтерс, Би-би-си, Си-ен-ен и АП, меѓу другите агенции, објавија дека биле истрелани проектили од Техеран.
Нападот се случува откако претходно, израелската војска соопшти дека започнала „целни и прецизни“ напади во Либан во, како што го нарече „ограничена“ копнена операција што започна во текот на ноќта, додавајќи дека нејзините војници биле вклучени во „тешки борби“ со Хезболах.

Иранската револуционерна гарда соопшти дека Иран лансирал десетици проектили кон Израел и дека доколку Израел возврати, одговорот на Техеран ќе биде „подробен и погубен“. Висок ирански функционер подоцна изјави за западни медиуми дека наредбата за лансирање ракети кон Израел ја дал врховниот лидер на земјата, ајатолахот Али Хамнеи. Хамнеи останува на безбедна локација, додаде високиот функционер.

Деновиве Иран најави дека ќе се одмазди за израелските воздушни напади во последниве недели во кои загина највисокото раководство од Хезболах во Либан, вклучително и Хасан Насрала.

Израелската војска денеска ги предупреди луѓето да се евакуираат од речиси дваесетина либански погранични заедници, неколку часа откако објави дека започнува, како што наведе, ограничени копнени операции против Хезболах.

Во меѓувреме Јордан и Ирак вечерва најавија дека привремено го затвораат нивниот воздушен простор.

Британски новинари наведуваат дека биле сведоци на неколку пресретнувања на проектили во јорданскиот воздушен простор.