Деновиве излезе од печат „Што ни порачува науката“, нова книга на академик Нада Поп-Јорданова, која последниве години како членка на МАНУ се занимава исклучиво со научни истражувања од областа на невронауката.
Делото во издание на „Матица македонска“ претставува збир на написи на академик Поп-Јорданова објавени во „Нова Македонија во периодот од 2021 до 2024 година. Книгата е поделена на три дела: високите мозочни функции и новите технологии, за здравјето од најраната возраст и созревањето.
– Сите написи се посветени на читателите на нашата земја со цел да се информираат за најновите научни достигнувања, а кои можат да имаат примена во секојдневниот живот. Се надевам дека читателите ќе ја препознаат мојата добра намера и ќе ги искористат написите за проширување на сопственото знаење и за подобрување на квалитетот на животот – пишува авторката, академик Поп-Јорданова. Н.М.