Kamala Harris
Фото: ЕПА

Американскиот потпретседател Камала Харис вети пакет помош од 1,5 милијарди долари за Украина, наменет главно за енергетскиот сектор на земјата, пренесе „Хина“, повикувајќи се на „Би-би-си“.

Финансирањето, објавено на мировниот самит во Украина во Швајцарија, ќе помогне да се поправи инфраструктурата оштетена од руските бомбардирања.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот изјави дека половина од капацитетот за производство на електрична енергија во земјата е уништен во војната.

Тој ги повика западните земји да обезбедат поголема воздушна одбрана за Украина за заштита на енергетската инфраструктура и урбаните центри.

– Пакетот на УСАИД и Стејт департментот вклучува 500 милиони долари нови пари за енергетска помош и 324 милиони долари пренасочени за итни енергетски потреби – се вели во соопштението на Белата куќа.

– Овие напори ќе и помогнат на Украина да одговори на најновите руски напади врз енергетската инфраструктура со поддршка на поправка и обновување, подобрување на отпорноста на Украина на енергетски прекини и поставување на основата за поправка и проширување на енергетскиот систем на Украина – се додава.

Дополнителни 369 милиони американски долари се ветени како хуманитарна помош за раселените лица и заедниците погодени од конфликти.

Планирано е да се испратат и дополнителни 300 милиони долари за обезбедување опрема за полицијата и граничните сили.

Од почетокот на војната, САД потрошиле повеќе од 3,2 милиони долари за хуманитарна помош за Украина и речиси 1,5 милијарди долари за енергетскиот сектор – се додава во соопштението.

Со оглед на тоа што Русија не е поканета и клучните играчи како Кина не реагираат, има мали шанси за голем напредок на самитот.