Властите на Русија и Унгарија потпишаа план за изградба на нуклеарната централа Пакс-2 (НПП) во Унгарија, која се очекува да биде завршена во 2030-тите, пренесе „Анадолија“.
Потписник од руска страна беше шефот на руската државна корпорација за нуклеарна енергија „Росатом“, Алексеј Ликачев, додека за Унгарија потпиша нејзиниот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Росатом“ објави дека Ликачев им се обратил на присутните на градилиштето во градот Пакс и ветил дека ќе посвети посебно внимание на проектот за нуклеарната централа „Пакс-2“ и ќе ги насочи своите најдобри напори кон тоа.
Во таа прилика Сијарто изјави дека Унгарија нема да поддржи санкции кои влијаат на соработката со Русија.
Нуклеарната централа „Пакс“ е изградена од советски експерти во 1980-тите и обезбедува половина од вкупно произведената електрична енергија и една третина од електричната енергија потрошена во Унгарија.
Во таа нуклеарна централа на брегот на Дунав, на околу 100 километри јужно од Будимпешта, моментално работат четири блока, а во тек е изградба на нова централа, поточно петтиот и шестиот блок.