Фото: Булмак 2016

Во срцето на северна Шведска, градот Кируна стана симбол за тоа колку силно и коренито, рударството може да го промени животот на заедницата. Целиот град веќе со години се сели на нова локација за да продолжи да се вади руда на просторот каде се наоѓал. Дислокацијата на црквата, која е историско наследство од 1912 година, на почетокот на месецов беше медиумски спектакл што покажа колку е ова комплексен процес. Државната компанија LKAB досега во процесот инвестирала повеќе милијарди круни, но во август 2025 општинските власти јавно предупредија дека не можат сами да се справат со селењето. Побараа дополнително земјиште и финансиска поддршка од државата за домување, инфраструктура и јавни услуги. Овој повик ја отвора суштинската дилема – кога рударството е од витално национално значење, колку далеку треба да оди државата за да обезбеди локалната заедница да е партнер во процесот?

Рударството нема веќе само економска или еколошка димензија. Кируна е еден од бројните примери во светот кои покажуваат дека тоа е и една голема општествена приказна, каде што заедниците и државата работат заедно да ги поделат и трошоците и придобивките. Кируна буквално се сели на безбедна оддалеченост од подземните галерии што предизвикуваат слегнување на теренот за да продолжи рудата да се вади. Според официјалните податоци, LKAB до 2024 издвоил околу 23 милијарди шведски круни и резервирал дополнителни 9,5 милијарди за преселбите, со компензација за приватни лица и бизниси.

Во развиените држави неретко на рударството се гледа како на алатка за економски развој и енергетска транзиција. На пример, Норвешка со новата стратегија за минерали се обидува да го забрза отворањето на рудници на Арктикот, додека Канада ги решава дилемите со облигаторни договори со домородните заедници, а Австралија се справува со „Royalties for Regions“ програмата. Во сите случаи, државата и општините се јавуваат не како пасивни набљудувачи, туку како клучни актери што мора да најдат баланс меѓу економијата, правата и иднината на заедниците.

Норвешка: стратегија за нови рудници на Арктикот

Во соседството, Норвешка со стратегијата за минерали сака да го забрза отворањето на рудници во арктичкиот дел на земјата. Владата отворено го поддржа отворањето нови рудници за критични минерали како никел, кобалт и графит – ресурси неопходни за европската транзиција кон електрична мобилност. Но, истовремено сака да одговори и на потребата да се заштитат чувствителните арктички екосистеми. Поделена е и јавноста, од која дел во иницијативата гледа историска шанса за нови приходи и развој, а дел смета дека е ризик за природата. Норвешкиот модел традиционално се темели на висока транспарентност, силно учество на општините и користење на обновлива енергија во рударството. И токму тука се бара решението за дилемата – предвидливи процедури и локална вклученост како предуслов заедницата да го прифати процесот. Може ли заедницата да го поддржи процесот, ова е прашањето кое допрва треба да го одговорат Норвежаните.

Канада: договори со домородните заедници

Канада има еден од најразвиените системи за вклучување на локалното население. Секоја рударска компанија мора да склучи облигаторен договор со домородните заедници на чија територија работи. Федералните власти за да го олеснат процесот финансираат и експерти кои ја претставуваат заедницата во преговорите со компаниите. Договорите директно насочуваат дел од профитот, работни места и инфраструктурни инвестиции во заедниците што живеат на териториите каде што се експлоатира руда. Во овие преговори се обезбедуваат и инвестиции во образование, здравство и инфраструктура. Дозвола за работа компаниите ќе добијат откако ќе добијат согласност од локалното население, како и откако ќе постигнат формално партнерство со локалното население. Така, рударството станува заеднички проект, а не наметната индустрија. Овој модел се смета за еден од најуспешните во светот за намалување на конфликтите и за обезбедување долгорочна одржливост.

Австралија: „Royalties for Regions“

Австралија е пример каде што рударството е мотор на целата економија, особено во Западна Австралија. Таму е воведена програмата „Royalties for Regions“, според која дел од рударските ројалти се враќаат директно во регионите каде што се вади рудата. На овој начин се финансираат болници, училишта, патишта и културни проекти. Моделот ја намалува нееднаквоста меѓу рударските региони и метрополите и го прави рударството дел од позитивен регионален развој.

Влијание врз идентитетот на заедниците

Во сите овие земји, рударството е повеќе од индустрија – тоа е дел од идентитетот. Во Норвешка традиционално рударството се врзува со зелената агенда и јавниот интерес. Јавната расправа за Арктикот е и симбол на тоа колку е важно секое граѓанско мислење во националната стратегија. Во Шведска, музеите и локалните фестивали ја раскажуваат рударската историја, додека во Канада, домородните уметници и културни центри ја интегрираат рударската приказна во современата култура. Во Австралија, локалните спортски клубови и културни настани се финансирани со рударски приходи.

Токму преку овие културни и институционални форми, рударството гради чувство на припадност и гордост, иако секогаш опстојуваат критички гледишта за еколошките ризици.

Македонија пред изборот

Македонија е на прагот на истите дилеми. Како да се извлече економска корист од рударството која ќе ја сподели со заедницата и да се заштити животната средина и локалниот развој? Поуките од Шведска, Норвешка, Канада и Австралија покажуваат дека клучот е во транспарентност, учество на јавноста во процесите, јасна распределба на приходите и долгорочна рекултивација. Рударството може да биде индустрија што е мотор на локален развој, но само ако државата, општините и заедниците се вистински партнери во процесите.

Во државата работат неколку рудници за оловно-цинкова руда, општествено одговорни компании кои се силно поврзани со локалните заедници. Добар пример е рудникот Злетово, управуван од Булмак 2016. Рудникот е симбол на македонската рударска традиција, со речиси едновековна историја – неговата експлоатација започнала уште во 1920-тите години. Тој е воедно и најстариот сè уште активен рудник во земјата и има длабок белег врз идентитетот и развојот на регионот.

Развојот на Пробиштип како град е органски врзан со рударството. Отворањето и ширењето на рудникот довеле до индустријализација, создавање нови работни места и доселување на нови генерации. Со текот на времето, рударството станало основа за изградба на училиштa, спортска инфраструктура, културни домови и јавни сервиси што го формирале ликот на градот.

Рудниците како Злетово и Тораница се едни од најстабилните извори на приходи и вработувања во регионот. Концесиските надоместоци што Булмак 2016 ги уплатува во општинските буџети на Пробиштип и Крива Паланка се значаен финансиски ресурс, кој директно се реинвестира во локални проекти, подобрување на инфраструктурата и јавните услуги.

Како дел од настојувањето да биде активен партнер на заедницата, Булмак 2016 развива програми за практична настава со средните училишта и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, овозможува стипендии за идни инженери, поддржува локални спортски клубови и организира јавни настани по повод Денот на рударите. Овие активности градат врска на доверба и создаваат чувство дека рударството е дел од секојдневниот живот, а не само индустрија што функционира паралелно со заедницата.

Поуката од македонските искуства е јасна: рударството е повеќе од економска активност, тоа е дел од културниот и урбаниот идентитет на цели региони. Тоа може да биде мотор на локален развој, но само ако компаниите останат активни партнери, а државата обезбеди фер и транспарентна рамка за сите страни.