Фото: Клиника за дигестивна хирургија

Решение за пациентите со голема обезност во Македонија

  • Проф. д-р Огнен Костовски и мултидисциплинарен тим успешно третираат морбидна дебелина со баријатриска хирургија. Лапароскопското намалување на желудникот, на државен трошок, овозможува значително и долгорочно намалување на телесната тежина, придружено со подобрување или целосно повлекување на хронични состојби и општото здравје. Воедно, со намалување на потребата од долготрајни терапии и хоспитализации, оваа интервенција носи и долгорочни заштеди за здравствениот систем

Пред една година, на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија во Скопје, беше направена првата баријатриска интервенција кај пациент со дебелина. Таа револуционерна интервенција во државното здравство, предводена од директорот на клиниката и експерт за слабеење со хируршки третман, проф. д-р Огнен Костовски, беше почеток на нова фаза во третирањето на морбидната дебелина во Македонија и здравствени последици што таа ги носи. Денеска, бројот на успешни интервенции е 16, има успех во намалување на тежината кај сите пациенти, за кои се грижи мултидисциплинарен тим, кој и ги подготвува за интервенција.
Лапароскопското намалување на желудникот овозможува значително и долгорочно намалување на телесната тежина, придружено со подобрување или целосно повлекување на хронични состојби како дијабетес тип 2, хипертензија, нарушен липиден статус и апнеа при спиење, како и подобрување на метаболизмот, психолошката состојба, подвижноста и општата здравствена состојба на пациентите. Воедно, со намалување на потребата од долготрајни терапии и хоспитализации, оваа интервенција носи и долгорочни заштеди за здравствениот систем, кој доколку пациентите не би биле третирани, плаќа за последиците поради компликацијата на нивното здравје.
Со стручните подготовки и професионалниот ангажман што д-р Костовски и неговиот тим ги вложија дебелината да се третира како болест во Македонија, се вложи и напорите дел од баријатриските интервенции да бидат на државен трошок. Така државата се согласи вакви операции да бидат покриени од Фондот за здравствено осигурување.

Како се прават интервенциите

Овие операции, објаснува проф. Костовски, најчесто се изведуваат со лапараскопска слив (sleeve) гастректомија, при што со минимално-инвазивна хируршка процедура се отстранува 80 проценти од желудникот, по што тој станува тесен и со тубуларен изглед. Притоа се намалува продукцијата на грелин, хормон кој што ја стимулира гладта, што резултира со намален апетит, а со тоа и губење во тежина. лапароскопскиот пристап, појаснува професорот, спореден со отворената хирургија, подразбира мали инцизии, што значи помалку болка, побрзо закрепнување и помалку компликации.
-Презадоволни сме поради успехот кај сите пациенти. Се покажа дека е на високо ниво соработката со Центрите за дебелина на Клиниката за ендокринологија, ГОБ „8 Септември“, како и новооотворениот во Штип, а и работењето на мултидисциплинарниот тим за оваа проблематика – вели д-р Костовски.

За востановување на овие интервенции претходеле професионални ангажмани и високо-квалификувани стручни подготовки и обуки за овој сегмент од дигестивната хирургија, што, меѓу другото, вклучувало и обука под менторство на докторите Герхард Прагер од Австрија и Бруно Дилеманс од Белгија, кои се сметаат за најдобрите и најискусните хирурзи специјализирани за баријатриска хирургија во светски рамки. Првичните операции значеле и соработка со Центарот за минимална инвазивна хирургија од Ниш и со д-р Бојан Јовановиќ, кој бил и проктор во постапката при првите интервенции.

Кој може да се оперира

– Услов за ваква интервенција на трошок на Фондот е пациентот да помине прегледи од мултидисциплинарниот тим за третман на морбидна обезност, во кој има хирурзи, гастроентерохепатолог, анестезиолог, пулмолог, клинички психолог и нутриционист. Наскоро очекуваме тимот да се прошири и со физијатар. Притоа, треба да биде констатирана морбидна обезност, која се дефинира со индекс на телесна маса над 40 или повисок од 35 со сериозни коморбидитети како дијабетес, хипертензија или слип апнеа. Метаболниот синдром е кластер на состојби кои вклучуваат абдоминална односно централна обезност, инсулинска резистенција, дислипидемија, хипертензија и проинфламаторна состојба. Во овој контекст неминовно е да се нагласи дека постои раст на преваленцата во Македонија заради промени во животните навики и урбанизацијата – вели д-р Костовски.

Според евиденцијата на досегашните интервенции, овој метод на кратење на желудникот во форма на ракав, дава многу позитивни резултати. Уште во првиот постоперативен месец кај пациентите е евидентирано намалување на телесната тежина до 20 отсто, а веќе до четвртиот месец тој процент е зголемен до 41,5. Пациентите, пак, кои предоперативно биле со инсулинска резистенција, сега веќе не се класифицираат со таа дијагноза.

Ангажманот продолжува со уште поголем интензитет, вели професорот, а плановите за овие зафати во иднина се веќе направени, во интерес на пациентите и решавањето на морбидната дебелина како сериозна болест.

-Овој проект ја поддржува експанзијата и унапредувањето на современата баријатриска хирургија во Македонија, а програмата го истакнува суштинското значење на сеопфатната хируршка и медицинска грижа – додава професорот.

Мултидисциплинарниот тим, вели тој, е предвесник на нешто што во иднина би прераснало во центар за експертска баријатриска хирургија. Н.Б.З.