Поранешниот претседател на организацијата „Горди момчиња“, Енрике Тарио, беше осуден синоќа на 22 години затворска казна поради подготвка на заговор за бунт и ковање неуспешен заговор да се спречи трансфер на власта од Доналд Трамп на Џо Бајден.
Казната изречена од судијата Тимоти Кели во федерален суд во Вашингтон е најдолга досега доделена поврзано со 6 јануари 2021 година и нападот на американскиот Капитол и произлегува од обвинението засновано на борба против домашниот тероризам и екстремизам преводени од групи како „Гордите момчиња“ или „Чувари на заклетвата“.
За водење заговор за бунт претходно беа осудени уште три членови и лидери на „Гордите момчиња“ – Џозеф Бигс доби 17 години, Итан Нордеан 18 години и Зак Рел, кој доби 15 години. Четвртиот со долга затворска казна е Доминик Пецола кој не беше осуден за заговор, туку за напад на службени лица, опструкција на официјална процедура и уништување на државна сопственост, за што доби 10 години затвор.
Неколку денови пред нападот на Капитолот, Тарио (39) бил уапсен во Вашингтон за палење на банер поставен на црква со симболот на движењето „Животите на црномурестите се важни“ и за носење муниција за автоматски пушки во округот Колумбија. Тогаш судија му нареди да го напушти градот и му забрани влез во престолнината.
Иако Тарио кој е од Мајами не бил во Вашингтон на денот на нападот на Капитолот, обвинителите укажаа дека тој го водел и го координирал движењето на групата од далечина.
Адвокатите се обидуваа да ги отфрлат аргументите дека групата била некако координирана или организирана, давајќи слика за оваа екстремистичка организација како „децентралзиран клуб на љубители на пиењето чии членови се собрале на спонтан бунт, гневни од резултатите од изборите“.
Околу 1.100 луѓе се обвинети за учество во нападот на Капитолот на 6 јануари 2021 година, од кои 630 се изјасниле за виновни и околу 110 се осудени.
За време на насилствата и хаосот пред американскиот Конгрес загинаа пет лица, од кои еден полицаец, а 140 службени лица беа повредени. Штетата предизвикана од нападот беше во висина од повеќе милиони долари.
Во врско со ова, федерална тужба доби и експретседателот Доналд Трамп, кој тогаш ја охрабри толпата да оди на Капитолот, а тужбата е за обид да влијае на резултатите од изборите за да остане на власт. Тој се соочува со уште четири тужби меѓу кои е обвинение од Њујорк за давање поткуп за молчење, случајот од Флорида со криење на доверливи документи и за вмешаност во изборите во Џорџија.
Првото судење на Трамп е закажано за 23 октомври.