
Премиерот Мицкоски поддржува проширување на системот „Безбеден град“ низ целата држава
Премиерот Христијан Мицкоски апсолутно ја поддржува применета на проектот „Безбеден град“, како и негово проширување на целата територија на Македонија, нагласувајќи дека е подготвен да издржи критики и политички удари доколку тој систем спаси макар и еден човечки живот.
– Некои велат тоа ќе донесе критика за Владата и силен политички удар. Јас велам подготвени сме да го издржиме тој политички удар, само да спасиме некој човечки живот. Затоа што само изминативе недела, две, во строгиот центар на главниот град имавме три жртви, повредени, луѓе што го изгубиле животот поради неприспособена брзина или непочитување на сообраќајните правила – изјави Мицкоски вчера во одговор на новинарско прашање во однос на очекувањата од „Безбеден град“.
Премиерот во разговори што ги имал со министерот за внатрешни работи рекол дека како влада се подготвени да ги трпат сите критики.
– Слушам некои од поранешни пратеници на поранешното владејачко мнозинство на СДСМ и ДУИ го критикуваат ова, возеле 52, 53, 55 (километри на час – н.з.), па добивале опомени. И со 50,5 ќе добијат опомени, бидејќи си има правила што значи приспособена и неприспособена брзина. И ако еден човечки живот успееме да спасиме, еве јас сум подготвен целиот товар да го прифатам на себе и да ја прифатам целокупната политичка одговорност. Дел од тие човечки животи се губат поради непочитување на сообраќајните правила, а најчесто тоа се случува со неприспособена брзина – категорично порача премиерот.
Тој истакна оти завчерашниот ден, кога почна пробниот период на „Безбеден град“, покажал колку многу сообраќајни прекршоци се направени само во еден ден.
– Голем дел од нив се затоа што несовесни возачи управуваат патнички возила што не се регистрирани. Дел од прекршоците, неколку илјади, беа поради тоа што поминале на црвено светло. Еве само вратете се назад и ќе видите колку луѓе го изгубија својот живот затоа што некој управувал патничко возило, не ја приспособил својата брзина и поминал на црвено светло. Ќе повторам, ако треба за тоа да го издржиме политичкиот притисок и удар, сето сум подготвен да го прифатам, само да спасиме човечки живот – рече Мицкоски. Н.М.

МВР размислува за датумот за почеток на примената на „Безбеден град“
Министерот Тошковски: Никој нема да биде изземен од одговорност за прекршок со „Безбеден град“
Никој нема да биде изземен од одговорност и да не се повтори црната статистика од 2024 година со 142 жртви во сообраќајни несреќи, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања за системот „Безбеден град“, при што посочи дека примената на овој систем ќе почне од 1 февруари, доколку биде потребно, со цел да има целосна имплементација.
– Целта е од 1 јануари 2026 да се започне со имплементација. Размислуваме дали тоа да биде на 1 јануари или на 1 февруари, заради тоа што не сакаме да наметнеме решение што нема да биде подготвено за имплементација. Можеби граѓаните ќе оценат дека е потребно уште еден месец за адаптација, можеби ќе продолжиме уште еден месец плус, со цел да го допровериме и да се осигуриме граѓаните да бидат целосно запознаени – истакна министерот Тошковски.
Тој информира дека претставници од МВР и Министерството за транспорт, заедно со сите други институции, интензивно работат на ревидирање на сите постојни патишта низ земјава на кои ќе бидат лоцирани безбедносните камери.
– Овој тест-период што го имаме во овие 30 дена е одлична можност граѓаните да се запознаат со сето она што сакаме да го имплементираме, со цел во 2026 година да немаме 142 жртви на улиците, во просек 78 на милион жители. Скандинавскиот просек е околу 20 жртви на милион жители, а европскиот просек е околу 44-45 на милион жители. Ја разбирам потребата на јавноста да ги постави сите прашања поврзани со имплементацијата на овој проект. Но треба да се има предвид дека ние сме меѓу најлошите земји во светот според бројот на луѓе загинати на улиците. Бројката од 142 жртви не е само статистика – тоа се луѓе со семејства, со деца, со родители, кои секојдневно ги губиме на улиците – посочи министерот.
Тошковски повтори дека се ревидираат сите точки на кои ќе бидат поставени камерите и кажа дека на секоја позиција каде што ќе има камера што ќе детектира сообраќаен прекршок, тоа ќе биде претходно утврдено со ревизија – како на терен така и во согласност со законската регулатива за конкретните точки. Истакна дека ќе се направи и ревизија и проверка на секој сообраќаен знак што е поставен во државата.
– Но имајте ги предвид и потребите за имплементација на „Безбеден град“, кој, повторувам, е револуционерен проект. Првично ќе бидеме фокусирани на точките на кои ќе се детектираат прекршоци од страна на видеонадзорот – рече министерот Тошковски.
Првиот човек на МВР нагласи дека „Безбеден град“ може да даде соодветен одговор единствено доколку прави неселективност во постапувањето и оти никој не смее да биде исклучен.
– Секако дека возило на брза помош што се движи со поголема брзина во одредени јасно пропишани ситуации не може да биде казнето. Секако и возило на МВР што е во рамките на оперативна акција и вози надвор од пропишани правила нема да биде казнето – рече Тошковски, додавајќи дека за сето тоа ќе се има јасно утврдени процедури.
Во однос на возилата со странски таблици, министерот вели дека ќе се постапува во согласност со важечките закони и прописи.
– Странските возила нема да бидат исклучени од имплементирање на „Безбеден град“. Имаме утврдено правила и процедури како ќе се констатира прекршокот и како ќе се наплати. Странските возила при излез од Македонија не може да бидат спречени да излезат – тоа е законски уредено и не може поинаку. Но ќе бидат информирани дека нема да им биде дозволен повторен влез во Македонија доколку не ја платат соодветната казна за прекршокот што го сториле. Работна група составена од експерти го разгледа и ова прашање, и верувам дека понудивме соодветен одговор. Мислам дека за сите дилеми дадовме јасно образложение – рече Тошковски.
Министерот напомена и дека МВР е отворено да постапи во насока на подобрување на системот, земајќи ги предвид сите прашања, критики и полемики.
– Со имплементацијата на овој систем е започнато пред десетина години, продолжено е во рамките на претходниот владин состав да се набавува соодветна опрема и истото тоа го продолживме и ние како влада. Проблемот е во тоа што никој не го имплементирал во суштина онака како што треба да се имплементира. Тоа да се случело пред десетина години, ве уверувам дека немаше да изгубиме 142 жртви во 2024 година – заклучува Тошковски. Н.М.
Статистика од првиот ден по вклучувањето на системот „Безбеден град“
За 24 часа регистрирани 110 илјади прекршоци, најмногу за брзо возење
Околу 110 илјади прекршоци се констатирани за период од 24 часа во Скопје преку системот „Безбеден град“, информира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Тоа е катастрофална бројка. Не ме држете прецизно за бројките, но околу илјада прекршоци се однесуваат на нерегистрирани возила, околу пет илјади прекршоци за поминување на црвено, но најстрашното е што над 90 отсто од вкупната бројка се пречекорување на брзина. Тоа се катастрофални бројки – нагласи Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања по Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа.
Министерот истакна дека во Европа има примери каде што нема никаква толеранција во брзината, како на пример во Швајцарија, Белгија и во други држави. Има и примери, рече тој, каде што толеранцијата изнесува до 10 отсто над дозволената брзина, и оти во наредниот период ќе размислиме како ќе го имплементираме тоа кај нас.
– Во однос на слабостите на системот, констатиравме дека за мал број прекршоци не соодветствуваат фактичките податоци во записникот со идентитетот на оној што ја примил пораката. Го знаеме проблемот, беше споделен и на социјалните мрежи, ќе утврдиме точно за причините за истиот тој и секако ќе го искоригираме. Морам да напоменам дека ова е тест период и целта е да ги запознае граѓаните за она што треба да следува во иднина и наедно да направи проверка на она што сме го утврдиле како системско решение. Битно е дека како влада сме се нафатиле да имплементираме проект што е револуционерен и е системски. Отстранува долгогодишно непреземање на ништо кога говориме за безбедност на сообраќајот на патиштата – посочи министерот. Н.М.
Реакција за пропусти со лични податоци во рамките на „Безбеден град“
МВР мора да воспостави јасни механизми за обезбедување и ажурирање на контакт-податоците
Неколку лица исконтактираа со мене за да побараат правен совет во врска со пораките (опомени) што ги добиле од МВР, а кои воопшто не се однесуваат на нив. Во пораките биле наведени туѓи лични податоци – име, презиме, ЕМБГ, број на лична карта – што претставува сериозен пропуст на надлежниот орган, изјави адвокатот Арбен Мемети, давајќи појаснувања за примената на системот „Безбеден град“.
Во консултација со адвокати, тие брифираат дека доколку постојат вакви пропусти, кои ги констатирал нивниот колега Мемети, тогаш тоа „кореспондира со одредбите од Законот за заштита на личните податоци. Доставувањето пораки со туѓи чувствителни податоци, доколку постои, го нарушува правото на приватност и безбедност на граѓаните и треба веднаш во тест-периодот на проектот да се исправи и да се отстрани тоа.
– Ако системот денес испраќа известувања со туѓи податоци, како може јавноста да има доверба дека налозите за прекршоци ќе стигнат до точниот адресат, а не до сосема друго лице? Ова предизвикува оправдан страв дека ќе се појават погрешни казни, правни недоразбирања и неоправдана одговорност за лица што немаат никаква поврзаност со сторениот прекршок. Особено е значајно и тоа што МВР мора да воспостави јасни механизми за обезбедување и ажурирање на контакт-податоците (телефонски број и е-маил адреса) на возачите и сопствениците на возилата. Во пракса, при регистрација на возило службениците ретко бараат вакви информации, што доведува до несоодветна комуникација, неможност за уредно доставување известувања и создавање дополнителни забуни и правни последици. Потребна е итна проверка на системот; утврдување на причините за пропустите; корекција на неажурните податоци; воспоставување безбедни процедури за собирање и обработка на личните податоци. Граѓаните имаат право на точни, доверливи и безбедни информации, а институциите имаат обврска да го гарантираат тоа! – вели адвокатот Арбен Мемети. Н.М.


































