Со вчерашната заедничка архирејска литургија на помирување во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград со која чиноначалствуваа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски г.г.Стефан, е потврдено надминувањето на 55 годишниот раскол меѓу Српската православна црква (СПЦ) и Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.
Со одлуката на Синодот на СПЦ, МПЦ-ОА добива автономија, но не и автокефалност, што е главната цел на македонската црква. Ден пред заедничката архирејска литургија на помирување, портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, владиката Тимотеј изјави дека не смета дека со тоа што се прифатил предлогот од СПЦ, за автономија како од 1959 година, е враќање назад, туку дека е чекор напред и логичен след на работите што треба да нѐ одведат до моментот за утврдување на автокефалниот статус. Томосот, рече тој, треба да го потпише цариградскиот партијарх и српскиот патријарх и се очекува тоа да се случи до крајот на месецот.
-Треба да дадат согласност сите православни цркви за да се официјализира, но ние ќе функционираме како автокефална црква – рече Тимотеј.
Тој објасни дека црква за која се бара да биде предложена за автокефален статус треба да исполнува 9 или 10 точки.
-Ние очекуваме за нас, тоа да го направи матичната црква од која се одделуваме, во конкретниот случај СПЦ. Таа да предложи до Вселенската патријаршија доделување автокефален статус , што треба да го одобрат сите православни цркви, а потоа Вселенскиот патријарх да издаде Томос кој треба да биде потпишан од него и од епископот на СПЦ – изјави владиката Тимотеј.
Инаку, во вчерашната литургиската беседа, српскиот патријарх Порфирије рече дека е зацелена длабоката и болна рана на расколот и оти се случило чудо Божјо. Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, пак, кажа дека е воспоставено единството со СПЦ, а со тоа и со сите православни цркви. Тој изрази надеж дека деновиве ќе биде и радосната вест за афтокефалност на МПЦ-ОА.
На заедничка литургија на поглаварите на МПЦ-ОА и на СПЦ и на владици од двете цркви во храмот „Свети Сава“ во Белград, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан во своето обраќање ѝ се заблагодари на СПЦ за тоа што ја поздравила одлуката на Вселенската патријаршија.
– Му благодариме на Бога што, еве, се исполни времето, па наидовме на братољубиво разбирање и кај Неговата Светост, патријархот г. Порфириј, заедно со членовите на Соборот на Српската православна црква, кои, само по неколку дена од донесениот акт на Синодот на Вселенската патријаршија, раководен од Неговата сесветост патријархот г.г. Вартоломеј и во истиот тој дух, донесоа одлука за воспоставување на евхаристичко и канонско единство помеѓу нашите помесни Цркви – истакна во својот говор архиепископот Стефан.
Поглаварот на МПЦ-ОА истакна и дека затоа му е благодарен на Бога што го чу гласот од молитвите на народот, што ги виде и трпението, и верата, и надежта, и љубовта и нè не лиши од неговото благоволение.
Тој порача дека македонската црква ќе го продолжи патот што води кон мир и конечно решение на автокефалноста на МПЦ-ОА.
На архиерејската литургија покрај српските и македонските владици, присуствуваше и архиепископот Јован (Вранишкоски) од ПОА, кој изјави дека не знае кога бил порадосен, дали кога го примил Томосот од СПЦ или денеска, додавајќи дека сепак кога би морал да избира би го избрал денешниот ден.
На 9 мај, Вселенската патријаршија ја призна канонската природа на Македонската православна црква – Охридската архиепископија, со што по 55 години му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви.
Спорот меѓу двете сестрински цркви почна откако на на 17 јули 1967 година, Светиот Синод на МПЦ во Охрид, го свика Третиот црковно-народен собор и на свечената седница во охридската црква Св. Климент ја прогласи Македонската православна црква за автокефална. По завршувањето на соборот, откако биле подготвени сите акти во врска со прогласувањето на автокефалноста, со писмо од 31 август 1967 година Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква го запознал Светиот архиерејскиот собор на Српската православна црква со својата одлука. Како одговор на ова, на вонредна седница одржана на 14 и 15 септември 1967 година, Светиот архиерејскиот собор на СПЦ ги прогласи епископите на Македонската православна црква за расколничка организација и го прекина богослужбеното и канонското единство. Педесет и петгодишниот раскол конечно е завршен со овонеделната одлука на СПЦ за повторно воспотавување литургиско и канонско општење со МПЦ-ОА и заедничката архиерејска литургија во храмот „Свети Сава“.