Проф.Пејковски ни подготви практични совети за тоа како да избереме свежи и квалитетни месо и сувомесни производи
Свинско, говедско, пилешко или риба… Ретко кога празнична трпеза кај нас останува без месо и сувомесни производи. Граѓаните ја негуваат гурманската традиција, а понудата во продавниците е богата. Но, не секогаш и квалитетна. Има трговци кои со свежото ќе подметнат и нешто пред истек на рок, или пак, може да камуфлираат недостатоци на производите што ги нудат. Измамите со месо, вели проф. д-р Златко Пејковски од Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, може да се препознаат. Потрошувачите треба да бидат едуцирани за да не наседнат.
Проф. Пејковски ни подготви практични совети за тоа како да избереме свежи и квалитетни месо и сувомесни производи.
Кога бираат производи од месо, или сувомесни производи купувачите треба да внимаваат на рокот. Тие треба да мирисаат пријатно, а и да имаат соодветна боја.
– Освен на етикетата, на која е даден рокот на траење, треба да обрнат внимание и на состојбата на вакуумот на кесичката, како и на бојата и изгледот на исцедокот во кесичката. Кај свежите производи речиси и да нема исцедок или, ако го има, тој е проѕирен, за разлика од долго време чуваниот производ каде што исцедокот е густ, заматен и има млечнобела боја – вели професорот.
Под одмрзнатото месо има повеќе крвав исцедок, а внимавајте и на бојата и на мирисот
– Секогаш, доколку е можно, треба да го претпочитаме свежото месо од домашно производство пред увозното, смрзнато и складирано месо. Треба да се читаат етикетите и декларациите од кои може да се дознае кој е производителот, кога е произведено месото и до кога е одржливо – вели Пејковски.
Се случува, објаснува, несовесни трговци смрзнатото, па одмрзнато месо да го продаваат како свежо.
– Треба убаво да погледнеме на дното на садовите во витрините каде што се продава месото. Кај месото што било смрзнато, па одмрзнато се издвојува поголемо количество крвав исцедок. Оваа појава негативно влијае врз квалитетот на месото бидејќи со крвавиот исцедок се губи значаен дел од протеините, минералите и витамините од месото, а тоа ја губи и сочноста – објаснува професорот.
Иако кај замрзнатото месо порастот и развојот на бактериите се запрени, сепак, постојат оксидативни процеси што го влошуваат квалитетот на месото со текот на неговото чување во смрзната форма.
Професорот потенцира да се внимава на бојата на месото. Може да е бледо, меко и водлесто (БМВ-месо), или темно, цврсто и суво (ТЦС-месо).
-БМВ-месото почесто може да се забележи кај свинските кременадли и бутови, како и кај пилешките гради. Ова месо испушта многу вода, а по термичката обработка губи многу од првобитната маса, добива темнокостенлива боја и нема сочност. ТЦС-месото почесто се забележува кај понудата на јунешко, а се препознава по потемната боја од месото со нормален квалитет. Рокот на траење на ова месо, поради повисоката pH вредност, е намален – вели проф. Пејковски.
Месо со инјектирана саламура
Некои производители, објаснува тој, инјектираат саламура во месото во која се додаваат полифосфатни препарати и други средства за врзување вода за да ја зголемат сочноста на месото и да ја намалат неговата цена на чинење.
– Некои, дел од непродадените, вратени од продажба преработки од месо може да ги вградуваат во друг производ, на кој му се става новиот датум на производство- вели проф. Пејковски.
Свежата риба е цврста, очите и се јасни, а жабрите црвени
Кога рибата е свежа, очите ѝ се јасни, а жабрите – црвени. Кога рибата ја држиме на дланка, ако е свежа, останува цврста – не се свива. Свежата риба, потопена во вода, потонува, а расипаната испливува на површината.
– Ако е тазе рибата, кога ќе ја притиснеш со прст, местото што си го притиснал треба да се врати во првобитната состојба или да не остане дупче од прстот – додава професорот.