Во текот на истрагата по уривањето на дел од зградата на Железничката станица во Нови Сад, од урнатините досега се извлечени 14 тела, соопшти Вишото јавно обвинителство во Нови Сад.
И српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека се идентификувани 14 тела, и, како што кажа вечерва, меѓу загинатите има и македонски државјанин.
Поради здобиените повреди во Клиничкиот центар во Војводина се примени три лица чиј идентитет се уште не е утврден, две жени и еден маж.
„Вишото јавно обвинителство Нови Сад ги презема сите мерки и дејствија согласно Законот, со цел да се утврди постоење елементи на кривично дело и одговорност за стореното, за што јавноста навремено ќе биде информирана“, се наведува во соопштението.
На железничката станица во Нови Сад денеска околу 12 часот се урна бетонската настрешница на зградата на станицата. Под настрешницата имало клупи и на нив во моментот на падот имало голем број граѓани.
Во Србија утре е прогласен Ден на жалост.