Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за британски „Телеграф“ изјави дека членките на НАТО разговараат за распоредување на повеќе нуклеарно оружје соочени со растечката закана од Русија и Кина.
Според него, Алијансата мора да го покаже својот нуклеарен арсенал за да испрати директна порака до своите противници.
Тој наведе дека имало консултации меѓу членките на Алијансата за отстранување на нуклеарното оружје од складиштето и ставање на готовност, наведувајќи дека транспарентноста во овој случај е одвраќање.
– Нема да навлегувам во оперативните детали за тоа колку нуклеарни боеви глави треба да бидат оперативни и кои треба да се складираат, но мораме да се консултираме за овие прашања. Токму тоа го правиме – рече Столтенберг.
Тој посочи дека транспарентноста за нуклеарното оружје треба да биде камен-темелник на нуклеарната стратегија на НАТО во подготовката на Алијансата за, како што рече, поопасен свет.
– Транспарентноста помага да се пренесе директна порака дека ние, се разбира, сме нуклеарна алијанса. Целта на НАТО е, се разбира, свет без нуклеарно оружје, но се додека има нуклеарно оружје, ние ќе останеме нуклеарна алијанса, бидејќи светот во кој Русија, Кина и Северна Кореја имаат нуклеарно оружје, но НАТО не, тој е поопасен свет – рече Столтенберг.
Тој предупреди дека Кина особено инвестира во модерно оружје, вклучувајќи го и нејзиниот нуклеарен арсенал, кој, според него, до 2030 година ќе порасне на 1.000 боеви глави.
– Тоа значи дека во не така далечна иднина НАТО би можел да се соочи со нешто со кое никогаш досега не се соочил, а тоа се два потенцијални противници со нуклеарно оружје – Кина и Русија. Се разбира, тоа има последици – рече Столтенберг.