Одржана најголемата воена парада во историјата на Кина
Кинеската престолнина, која во изминатиов период интензивно се подготвуваше за најголемата воена парада во последниве години, денеска ги пречека највисоките државни претставници од вкупно 26 земји, а најмногу внимание предизвика присуството на рускиот претседател Владимир Путин, како и на лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун
Весна Дамчевска, наша известувачка од Пекинг
Уште од раните утрински часови, некаде околу 3 часот по полноќ, медиа-центарот во Пекинг, беше полн со новинарски екипи од земјата како и од странство, кои оттаму организирано се упатија кон плоштадот Тјенанмен за да ја проследат најголемата воена парада во последниве години во Кина, а по повод 80-годишнината од победата на кинескиот народ против јапонската агресија и крајот на Втората светска војна. По празните улици на градот тивко се движеа само оние возила чија крајна цел беше пекиншкиот плоштад, а главните булевари ги обезбедуваше силно полициско обезбедување, кое спроведе крајно сериозни безбедносни мерки. За овој собир локалните власти мобилизираа десетици илјади доброволци и партиски членови за надзор на јавниот ред.

Кинеската престолнина, која во изминатиов период интензивно се подготвуваше за најголемата воена парада во последниве години, ги пречека највисоките државни претставници од вкупно 26 земји, а најмногу внимание предизвика присуството на рускиот претседател Владимир Путин, како и на лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун. Од регионот во Пекинг пристигна и српскиот претседател Александар Вучиќ, а во ложата беа и кралот на Камбоџа, виетнамскиот претседател, претседателот на Индонезија, малезискиот премиер, монголскиот претседател, пакистанскиот премиер, непалскиот премиер, малдивскиот претседател, белорускиот претседател Александар Лукашенко, словачкиот премиер Роберт Фицо, кубанскиот претседател Мигел Диаз-Канел и други.

Пред бројната публика се обрати кинескиот претседател Си Џинпинг, по што следуваше смотра од околу 70 минути, при што Народноослободителната армија на Кина ја прикажа својата воена моќ преку претставување на достигнувањата на своите воени сили (вкупно 45 формации), традиционалните но и современите и напредни технологии за ракети, тенкови, авиони и беспилотни летала произведени во Кина… Хеликоптерите носеа големи транспаренти, борбените авиони летаа во формација, а 70-минутната парада заврши со пуштање на 80.000 гулаби и шарени балони. Парадата вклучи повеќе од 10 илјади војнии и 45 воени контингенти со најнапредна воена опрема. Првпат беа прикажани и два големи подводни дрона.
Видео: Си-си-тв
Публиката на плоштадот седеше во столчиња во зелена, црвена и златна боја, кои ја симболизираат плодната земја, жртвата на народот и мирот, а дел од присутните го следеа настанот на голем ЛЕД-екран.

– Денес човештвото е исправено пред изборот помеѓу мир или војна, дијалог или конфронтација – изјави претседателот Си Џинпинг пред повеќе од 50.000 присутни на плоштадот Тијананмен, додавајќи дека кинескиот народ „цврсто стои на вистинската страна на историјата“.
Тој претходно ги поздрави повеќе од 20-те светски лидери на црвениот килим. Си Џинпинг ја претстави Втората светска војна како клучен пресврт во големото обновување на кинеската нација, кога земјата ја надмина понижувачката инвазија на Јапонија за да стане економска и геополитичка сила.

Вакви воени паради се одржуваат на централниот плоштад Тјенанмен од 1949 година, кога е основана Народна Република Кина.





