Фото: ЕПА

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе именува нов премиер во наредните денови – соопшти француската претседателска палата, откако францускиот парламент вчера му изгласа недоверба на премиерот Франсоа Бајру.

– Бајру, кој побара гласање за доверба, денеска ќе поднесе оставка – изјави кабинетот на премиерот.

Францускиот премиер побара гласање за доверба пред две недели за да ја потврди легитимноста на неговиот буџетски план.

Како што објави „Ле Фигаро“, 364 пратеници гласаа против, 194 за, додека 25 беа воздржани.

-Националното собрание не го одобри излагањето за општите насоки на политиката на владата. Премиерот мора да ја поднесе својата оставка до претседателот на републиката – изјави претседателката на Националното собрание, Јаел Брон-Пиве.

Падот на Бајру го принуди францускиот претседател да го бара својот четврти премиер во изминатите 12 месеци.