Управниот одбор на М-НАВ го прифатил предлогот за вработување и обука на кадидати за контролори на летање селектирани од данската фирма „Гејт авијешн тренинг“ и комисијата за избор, информираат од Управниот одбор на оваа државна компанија на која Македонија ѝ делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во земјава.
-Ве известуваме дека согласно доставената дополнителна документација на 10 ноември годинава, Извештај со резултати од ФЕС тестирањата (FEAST) во печатена форма од 13 кандидати кои успешно ги положија сите тестови спроведени од страна на „Гејт авијешн тренинг“, Данска и во соработка со комисијата на М-НАВ АД Скопје, а во врска со Огласот за прием на 8 кандидати на обука за стекнување дозвола за контролор на летање и вработување на определено време објавен на 28 јули 2022 година, Управниот одбор на М-НАВ во текот на денешниот ден ја разгледа целокупната документација и донесе Одлука за потврда и прифаќање на изборот предложен од комисијата за избор и селекција на кандидати и следствено даде насоки за вработување на кандидатите на определено време и нивно упатување на школување – информираат од компанијата.
Оттаму велат и дека едновремено го задолжиле претседателот на комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за почеток на обуката.
-Мораме да изразиме длабоко жалење што поради некои неточни и непроверени информации кои се пласираа во јавноста се создаде погрешна слика за процесот околку Огласот за прием на осум кандидати на обука за стекнување дозвола за контролор на летање. Потенцираме дека во ниеден момент немаше ниту размислување, а уште помалку преземање на дејствија за прекинување на или поништување на постапката односно Огласот, како што беше наведено во некои изјави и медиумски натписи. Единствено точно е дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти, како тие законски но и внатрешни на самата институција, со едниствена цел, избор на најквалитетните кандидати за нови кадри во М-НАВ АД Скопје. Сето ова беше во рамки на строгите меѓународни и национални норми и временските рокови согласно акционен план на М-НАВ АД Скопје. М-НАВ како и досега и во иднина ќе продолжи со професионално вршење на својата дејност и никогаш не би дозволиле да се загрози безбедноста на воздушниот сообраќај над нашето небо, при што критериумите за обезбедување на потребното ниво на безбедност и ефикасност при давање на услугите за воздухопловна навигација континуирано се и ќе се одржуваат на највисоко ниво – се вели во информацијата од М-НАВ.
Деновиве, Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ) и Здружението на контролори за летање (ЗКЛ), кои го надгледуваа тестирањето на кандидатите, реагираа дека иако завршила селекцијата за нови контролори и ја поминале дванаесет од 250 пријавени, нивната обука уште не е почната. Оттаму изразија сомнеж дека дел од менаџментот се обидува да го поништи процесот за прием и обука зашто не се влезени кандидати со врски или блиски на високи политички функционери. Поддршка добија од колегите на одговорни позиции во компанијата.
По информацијата дека е прифатена селекцијата на данската компанија претседателот на ССКЛ, Александар Тасевски, кусо изјави: „Пред слогата, професионализмот, квалитетот и исправноста, дури и директорите молчат“. Н.Б.З.